Москва тврди: Новинар на „Волстрит журнал“ фатен на дело како шпионира

by Fokus

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска во врска со притворањето на дописникот на „Волстрит журнал“ – Еван Гершкович за шпионажа изјави дека не станува збор за сомнеж, туку дека новинарот е „фатен на дело“.

„Ова е привилегија на Федералната служба за безбедност. Веќе имаше соопштение од ФСБ, нема што да додадеме. Единствено што можам да кажам е дека, како што дознаваме, е фатен на лице место“ – изјави Песков.

Американецот Гершкович, 32-годишен дописник на московското биро на американски весник, е приведен во Екатеринбург под сомнение за шпионажа, објави претходно ФСБ.

Според ФСБ, Гершкович „по инструкции на американската страна собирал информации кои се државна тајна за активностите на една од компаниите на рускиот воено-индустриски комплекс“.

На новинарот му се заканува затворска казна до 20 години, пренесува Танјуг.

Волстрит журнал ги отфрли тврдењата на руската безбедносна служба.

„Волстрит журнал категорично ги негира обвинувањата на ФСБ и бара итно ослободување на нашиот сигурен и посветен известувач Иван Гершкович“, се вели во соопштението на редакцијата на американскиот медиум.

Поврзани новости