Манастирот Трескавец повторно е во опасност од пожар. Пожарот од предната страна на манастирот, кој на 23 август беше ставен под контрола во попладневните часови повторно е активен, информира синоќа од Општина Прилеп.
Додека синоќа се служела вечерна богослужба во црквата во манастирот која го носи името на празникот Успение на Пресвета Богородица, пожарникарите, доброволците од ЈП и граѓаните волонтери се бореле со огнените јазици околу манастирот Трескавец.
Командирот на ТППЕ –Прилеп, Станко Колески, е уверен дека пожарните се подметнати. Тој тврди дека се приметни лица како палат и бегаат.
– Пожарот од кај Дабница кој беше намерно запален го ставивме под контрола, но повторно беше запален и зеде огромен замав, па денеска попладне опожари и неколку викендици, овошни и лозови насади во населбата Заград. Во овој момент имаме три активни пожари, во пределот на Трескавец од западната страна, кај Горно село, каде се соочуваме со непристапен терен за гаснење, во Гостиражни, Небрегово и во делот на Сивец. Помош побаравме од ТППЕ – Битола кои пристигнаа со неколку пожарникари и возила – вели тој.
Градоначалникот на Прилеп ги повика институциите, шумската полиција да реагираат и „да фатат и да казнат барем едно лице во текот на овој период кој ги потпалува шумите и ја става во опасност целата прилепска околина“.
Во околината на Прилеп гори повеќе од 15 дена.