МОН: Учениците и наставниците кои патувале во земји со коронавирус да не доаѓаат на настава

by fokus

Согласно заклучоците донесени на вчерашната владина седница, а во врска со заштита на јавното здравје во услови на брзо ширење на коронавирусот на глобално ниво, Министерството за образование и наука информира дека до основните и средните училишта во земјата, универзитетите, јавните научни установи и другите образовни институции, доставени се детални насоки за постапување со цел заштита на учениците, студентите и вработените од евентуално заболување и понатамошно пренесување на овој вирус.

– Покрај организирањето на едукативни предавања поврзани со начините за превенција од корона вирусот, насоките за постапување наложуваат образовните установи да ги одложат планираните патувања и екскурзии на ученици, студенти и вработени во Република Италија.

Исто така, во најкус можен рок по телефонски/електронски пат потребно е образовните установи да обезбедат информации од сите свои вработени, ученици и студенти – дали во последните 2 недели патувале или живеат со некој кој патувал во следниве земји/региони: Ломбардија, Венето, Емилија Ромања и Пиемонт во Италија, како и во Кина, Хонг Конг, Иран, Јапонија, Маку, Филипини, Република Кореа, Сингапур и Тајван – се вели во соопштението.

Лицата кои ќе дадат потврдна информација потребно е да не доаѓаат на работа, односно да не посетуваат настава, додека не добијат соодветни инструкции, односно совети за следни чекори што ќе треба да ги направат зависно од ситуацијата и од планот на надлежните здравствени институции и Владата.

Поврзани новости