МОН: Реформите не се избрзани, туку требало да се направат уште пред една деценија

by fokus

Од Министерството за образование сметаат дека реформите во основното образование требало да се направат уште пред една деценија. Оттаму денеска во соопштение истакнаа дека со носењето на новата концепција не се брза, туку веќе се доцни.

-Првпат во последната деценија во нашата држава во делот на образованието се прават реформи на исклучително транспарентен начин и со вклученост на сите страни и ќе се најде баланс во предлозите со цел да се направат реформи во најдобар интерес на децата, истакнуваат од Министерството.

Според МОН, со предложената концепција за секое дете во државата ќе бидат достапни позитивни и современи модели на учење кои во моментот може да си ги дозволат само дел од граѓаните, а наставниците ќе добијат слобода во организирањето на наставата.

-Затоа Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образование заедно со работната група професори и експерти создадоа темелна рамка за новиот образовен модел со која ќе ги отстраниме клучните недостатоци на нашиот образовен систем како што се политизацијата на училиштата, содржините на учебниците кои не се соодветни на времето во кое живееме и на потребите на децата, како и слабата мотивација на наставниците, нагласуваат од МОН.

Оттаму потсетуваат дека реформата не ја прават од денеска за утре, тука таа е резултат на широка консултација и на долгогодишни меѓународни и домашни анализи, но и ставови на наставници, родители и ученици.

-Министерството за образование и наука ги продолжува дебатите и консултациите за Нацрт-концепцијата. Во дебатата за концепцијата од самиот почеток се вклучени раководството на СОНК и регионалните претставништва на СОНК, експерти, професори и други засегнати страни и меѓународни организации и институции како УНИЦЕФ, Светска банка, УСАИД, британска и швајцарска амбасада, делегација на ЕУ. Сите изразија поддршка затоа што реформите треба да резултираат со квалитетно основно образование, велат од МОН.

Концепцијата е дел од Стратегијата на МОН за периодот 2018-2025 година, предвидена е со Законот за основно образование донесен пред околу една година и е дел од владината програма.

Поврзани новости