МОН работи на решение за е-настава за учениците кои немаат пристап до интернет

by fokus

Владата на денешната 29-та седница го разгледа и усвои записникот од единаесеттиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за справување со корона вирусот кој беше одржан денеска.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми на денешната седница информираше за поставувањето на Националната платформа за е-настава која од денеска ќе се користи во образовниот процес за време на вонредната состојба, и дека се работи на решение за учениците кои немаат пристап до интернет.

На оваа седница, а во врска со Одлуката од 28-та седница за проширувањето на забраната за движење за време на викенд деновите во сабота и  недела од 16:00 часот до 05:00 часот, е утврдено појаснување за ова ограничување кое се однесува на земјоделците заради интензивирање на сезоната на земјоделски работи, особено во градинарските култури.
Во делот на исклучувањето на земјоделците од сите донесени одлуки, заклучоци, мерки и препораки на Владата, се допрецизира дека истиот се однесува на земјоделците што одгледуваат раноградинарски култури и имаат неодложни активности за одгледување на истите во овој период.

Дополнително, оние земјоделци, фармери, сточари и други земјоделски работници кои преку подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе се пријават за добивање на дозволи за движење, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку Министерството за информатичко општество и администрација истите да ги издаде.

На денешната 29-та седница Владата донесе Одлука за дополнување на Одлуката за укинување на увозната давачка – царинската стапка за потрошен медицински материјал, и за лекот „хлорокин“ (chloroquine).

Во насока на обезбедување сеопфатен и координиран пристап во идентификување и пренасочување на достапната билатерална помош за активностите за спречување на КОВИД-19, на оваа седница Владата ги задолжи сите органи на државната управа кои добиваат помош од билатерални донатори итно да го известат Секретаријатот за европски прашања за висината на средствата кои стојат на располагање за секој од проектите. СЕП потоа, ќе достави формално барање до билатералните донатори за пренамена на средствата за справување со КОВИД-19, согласно утврдените приоритетни потреби.

 

Поврзани новости