МОН: Нема бојкот на наставата, изолирани случаи на отсуство од часовите

by fokus

Министерството за образование и наука информира дека помали групи ученици од неколку училишта во државата не ја посетуваат наставата организирана со физичко присуство, односно не се вклучени во онлајн-наставата. МОН во соопштение ги повикува да се вратат на часовите, апелирајќи и до нивните семесјтва, и укажува дека секое неоправдано отсуство се одразува на педагошката евиденција за поведението на учениците и дека отсуството треба да се надомести со дополнителна настава.

– Промените во основното образование се целосно во интерес на учениците и унапредување на образованието. Реформите се, исто така, и на барање на наставниците, но и потреба која што ја наметнува современиот свет и глобалните образовни трендови со кои Северна Македонија конечно мора да фати чекор и да ги следи. Носење на законско решение кое треба да донесе квалитет на наставата и повеќе бенефиции за младите, не смее да биде причина за бојкот. Дигитализацијата на материјалите за учење е дел од промените кои започнуваат од идната учебна година, а тој тренд е насекаде во светот не смее да ја одмине нашата земја. Новините се предизвик за сите, но од нив не треба да се откажуваме, туку напротив заедно и транспарентно да продолжиме да работиме на креирање на најдобрите решенија кои ќе треба да се интегрираат во системот, наведува МОН во соопштението.

Повторува дека новото законско решение во кое е дефинирана етапната дигитализација на материјалите за учење, ќе обезбеди достапност на учебниците за сите ученици, поголема интерактивност, намалување на учењето во домашни услови, а воедно и инклузивност, имајќи предвид дека тие ќе бидат достапни во аудиоформат, но и на Брајово писмо за учениците со оштетен вид. Исто така, преку поставувањето на повеќе филтри низ постапката за изработка и усвојување на учебниците, ќе биде елиминирана и веројатноста за појава на грешки.

– МОН останува отворена институција за соработка со секој заинтересиран поединец, група, граѓанска организација, здружение со намера да даде конструктивен предлог, идеја или коментар за унапредување на содржината и квалитетот на законското решение, земајќи го во преден план најдобриот интерес на учениците, соопштува Министерство за образование и наука.

Поврзани новости