МОН: Националната платформа достапна за учениците и родителите

by Fokus

Веб страницата на Единствената национална платформа за онлајн учење од полноќ е веќе достапна за корисниците преку адресата www.schools.mk. Со цел да се запознаат со нејзините функционалности пред стартот на учебната година, Министерството за образование и наука ги повикува учениците и родителите, да ја посетат и да се запознаат со платформата во текот на викендов.

На платформата веќе се поставени видео упатства и прирачници, но и други содржини, кои ако се следат внимателно, на едноставен и лесен начин ги водат корисниците низ платформата, велат од МОН и посочуваат дека во овој значаен процес важна е силна и партнерска соработка на сите нивоа и секој ден  е важен за успешно започнување на онлајн наставата.

Министерството за образование и наука веќе испрати насоки до сите училишта задолжително да се достават корисничките лозинки до учениците. Ги повикуваат директорите на училиштата кои не го сториле тоа, да го забрзаат процесот и да ги испратат лозинките до учениците во текот на викендот, бидејќи за неколку дена е официјалниот старт на учебната година.

– Министерството за образование и наука ги повикува и локалните самоуправи и градоначалниците, кои, исто така, се наш важен партнер во овој процес, максимално да се посветат на обезбедување услови за непречен старт на учебната година во училиштата, без разлика дали станува збор за физичко присуство, или за учење од далечина. Истовремено, искажуваме огромна благодарност до градоначалниците и вработените во општините, но и до сите наставници за посветеноста во обезбедувањето услови за непречена настава во време на пандемија. Главниот и единствен приоритет на Министерството за образование и наука во овој период е да ги надминеме предизвиците и успешно да ја започнеме, но и завршиме учебната 2020/2021 година и покрај тоа што се соочуваме со Ковид-19, се вели во соопштението од МОН.

Поврзани новости