МОН: 40 ученици и 52 наставници се позитивни на ковид-19

by Fokus

Во рамки на наставата со физичко присуство, регистрирани се вкупно 40 ученици позитивни на коронавирусот и 52 вработени од наставниот кадар во средните и основните училишта. Во сите овие случаи се реагира навремено според препораките на Центрите за јавно здравје, со што се спречува трансмисија на вирусот.

-Во сите останати случаи станува збор за учесници на онлајн настава, при што ниту децата, ниту наставниците имале контакти со останатите од училиштата. Исто така, учениците и наставниците кои одат во изолација поради близок контакт со заразаено лице, или затоа што се позитивни на ковид-19 наставата ја продолжуваат онлајн, со што се обезбедува континуитет во образовниот процес, информираат од Министерството за образование и наука.

Тие велат дека согласно податоците со кои располагаат, може да се заклучи дека протоколите се ефикасни во намалување на ризиците за ширење на вирусот.

-Според извештаите кои училиштата секојдневно ги доставуваат до МОН, од вкупниот број 259 235 ученици на ниво на држава процентот на заразени изнесува само 0,06%, а од вкупниот број 27 955 наставници и друг кадар овој процент изнесува 0,58%, што е далеку под еден процент. Министерството за образование и наука апелира учениците, наставниците и родителите доследно да ги почитуваат мерките и протоколите за заштита од ковид-19 во училиштата и надвор од нив, затоа што само со носење маски, држење растојание и често миење и дезинфекција на рацете може да се спречи ширењето на болеста, велат од МОН.

Поврзани новости