Момче прободено со нож за време на концерт во Охрид!

by fokus

Седумнаесет годишно момче од Скопје е било прободено со нож во Охрид, за време на концертот на Раста, Маја Беровиќ и Таско. Настанот се случил во СРЦ Билјанини извори, во 1.30 часот на 31-ви јули.

-Додека се одржувал концертот, внатре во стадионот присутните го забележале повреденото момче, по што истото било префрлено во Општа болница Охрид.
Станува збор за малолетно лице, момче на возраст од 17 години од Скопје. Повредата е од остар предмет, односно нож. Се превземаат мерки за расветлување на случајот – изјави за ,,Фокус” Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

Избоденото момче е подоцна хоспитализирано на скопската клиника за торакална хирургија.

Концертот на музичката атракција Раста, Маја Беровиќ и Таско беше најавуван со недели однапред. Интересот за настанот беше особено голем помеѓу помладите генерации, па дури и имаше организиран превоз со автобуси од Скопје до Охрид и назад, по цена од 600 денари.

Српскиот рапер Стефан Ѓуриќ Раста е чест гостин во земјава. Лани во февруари имаше заеднички концерт со неговата поранешна сопруга Ана Николиќ во ВИП Арена Борис Трајковски, а поради многубројната публика и веселата атмосфера, тогаш српските медиуми известуваа дека Раста ја клекнал Македонија на колена со добрата изведба.
Противниците на комерцијалната музика тогаш реагираа на социјалните мрежи, обвинувајќи дека на младите генерации им се пласира неквалитетна музика и дека се почесто контроверзни личности стануваат нивни идоли.

Вики Клинчарова

Поврзани новости