Молк од кабинетот на Иванов за бојкотот на Могерини, каква порака испраќа претседателот?

by fokus 09:42
09:42

Од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов нема одговор зошто не присуствуваше на вчерашното обраќање на шефицата на европската дипломатија, Фредерика Могерини, во Собранието. Како што информираа од парламентот Иванов бил уредно поканет, но сепак не се најде меѓу присутните во првите редови каде седеа претставници од политичкиот и верскиот живот, како и правосудството.

„Фокус“ вчера постави прашања до кабинетот на Иванов зошто претседателот го бојкотираше обраќањето на високата претставничка за надворешни работи и безбедност на ЕУ. Од таму не добивме одговор и нашите прашања беа игнорирани.

Професорот и поранешен амбасадор на Македонија во НАТО, Нано Ружин, вели дека Иванов со ова постапува спротивно на своите укажувања, но покажува и елементарна некултура. Иако со години бара помирување во општеството, сега одбива да ги признае успесите на новата Владата, вели Ружин.

-Тоа е мал дипломатски скандал дотолку повеќе што Могерини го испочитува и му го однесе извештајот. Тоа покажува одреден протест и значи дека не е ориентиран проевропски, пронатовски, едноставно покажува недостаток на политичка култура и на непочитување на европските и евроатлански вредноссти. Тоа е потег да покаже дека не го почитува патот на Република Македонија кон Брисел и успехот на оваа Влада. Што е  грешка, затоа што овие балкански флоскули се повторуваат кога некој покажува елементарна љубомара затоа што другата опција успеала. Могерини испрати порака да се покаже заедништво меѓу власта и опозицијата, но Иванов со овој акт дава пример дека нема потреба од заедништво и единство иако претходните години велеше дека на Македонија и е потребно измерување на страните – смета професорот.

М.В.

Поврзани новости