Моите другари – Томе

Почитувани читатели, денес ќе пишувам за мојот другар Томе Бангиоски, професор по философија и социологија во пензија.

by fokus

Другарувањето со Томе веќе навлегува во седмата деценија од нашите животи облагородени со взаемна почит, љубов кон животот, спортот, шахот, музиката.

Пишува: Трифун Костовски

Во нашето другарување тој беше препознатлив како  најавангарден во нештата кои го обликуваа тогашниот начин на  живеење. Беше најголемиот колекционер на графитни плочи, синглки и лонг плејки од најпознати хитови од земјата и светот , кои денеска ги чува во сопствениот дом како музејска вредност. Редовно ги средува, ги чисти и не дозволува да се уништат од забот на времето. Томе беше најголемиот кицош, вистински монден со најмодерна облека која редовно ја набавуваше од Трст, Италија.

Во времињата кога заеднички одевме на извиднички летувања во Филип Јаков-Задар на Јадранско море, тој беше првиот кој ги покажа на плажа дрвените кломпи, носејќи ги со вистински пиетет. Томе израсна на улиците во Бимбо Маало во Центар како најјак фантаџија и вљубеник во игрите чифт-тек со сликички, џамлии и фудбал.  Роден е во Егејска Македонија и за  време на Граѓанската војна во Грција 1948 година, донесен е во Македонија преку планините, транспортиран во кошеви на магариња и мазги.

Неговиот татко е загинат од напалм бомба при немилосрдно бомбардирање од Англиската авијација над селото, од каде целото население се здало во бег. Најраното детство на Томе е посебна приказна,  која од сите нас само тој ја има преживеано. Чесен, интелигентен и цврст маж е мојот Томе. Ниту еднаш во изминатиот период не покажа слабост или омраза поради несреќите на неговото семејство во Егејскиот дел на Македонија. Згора на тоа имаше доблест, без горчина, онака шеретски да каже „така требало да биде”.

После земјотресот Томе со своите браќа, мајка и очув ќе живее во бараките во населбата Драчево- Драон Сити. Во тие времиња градскиот сообраќај не беше редовен, така што на Томе му требаше минимум час и половина да стаса на училиште, и час и половина  да се врати дома, бидејќи мораше да менува по неколку автобуси. Вообичаено беше да доцни на првите часови од наставата, особено кога беше прва смена во утринските часови. Класната немаше милост за него и  изостаноците ги запишуваше како неоправдани. Секогаш беше спремен, имаше  одредено знаење во континуитет, да одговори на било кое прашење, а наставата на нашите професори ја следеше на  својствен начин. Секој од професорите имаше индивидуален начин на предавање и испитување, а Томе се прилагодуваше согласно нивните методи.

Многу ми е свеж часот по социологија. Предаваше  професорката Бабунска која милуваше да дава обврски на учениците за изготвување  реферати на одредени теми кои гласно ги читавме. Во такви ситуации на читања на реферати Томе практикуваше да решава крстозборки, кои редовно беа објавувани во списанието Енигма или пак во дневните печатени весници. Замислете тишина во класот, нашата соученичка Лиле го чита својот реферат, а Томе решава крстозборки седејќи на втората клупа пред професорката Бабунска. Следејќи ги учениците  професорката Бабунска ќе му се обрати на Томе: -„Томе што правиш”? Томе ,,мртов-ладен”  ќе одговореше: -,,А што правам, решавам крстозборки”. Професорката не можеше да остане рамнодушна како него и налутено ќе му кажеше да ја напушти училницата.

Истото полугодие, поради неоправдани изостаноци,  Томе мораше да се префрли од нашата гимназија Јосип Броз Тито во Четвртата Скопска Гимназија, поради фактот што таа беше поблиску до неговиот дом и побрзо можеше да стаса на училиште.

Епилог. Нашето другарување со Томе по преселувањето во новата гимназија, стана многу посилно, бидејќи нештата кои нас нѐ врзуваа беа многу посилни отколку заедничкото време поминато на часовите во гимназијата. Игранки, журки, прошетки беа  среќни моменти од нашето дружење.

Уште посилен момент е што Томе заврши  Филозофски Факултет при УКИМ. Се вработи на конкурсот во Гимназијата Јосип Броз – Тито да ги предава предметите философија, социологија и марксизам, токму предметите кои ги предаваше Професорката Бабунска во истата гимназија, тукушто замината во пензија. Томе сиот свој работен век го помина предавајќи философија и социологија токму во Гимназијата Јосип Броз- Тито.

Нашето другарување продолжи во седмата деценија, заеднички именител ни се музиката, фудбалот, а во последно време и шахот кој го играме со страст на соперници. Мојот Томе беше и остана човек со сите морални вредности вградени во себе.  „Томе, биди ми жив и здрав уште многу години”!

Поврзани новости