Од македонското МНР вчера контактирале со колегите од српското МНР и упатиле реакција со осуда за провокативните навреди и пароли за време на натпреварот меѓу РК Партизан и РК Вардар во Белград од страна на навивачката група „Гробари“.
„Со овие непријатни активности, освен што беа погазени принципите за фер и спортско однесување, беа длабоко повредени достоинството на Република Северна Македонија и нејзините граѓани. Министерството укажа дека ваквите реакции од групи поединци воопшто не се во духот на одличните билатерални односи кои ги негуваат двете земји“, соопштија од МНР.
Оттаму додаваат дека српската страна изразила жалење и се оградила од овие изолирани случаи на поединци кои на никаков начин не ги отсликуваат позициите на официјален Белград во однос на нашата земја.
На ракометниот натпревар од СЕХА-лигата меѓу Партизан и Вардар пред два дена, навивачите на Партизан истакнаа транспарент со навредлива содржина за македонските навивачи и за Македонците.