Македонска државјанка, врз основа на доброволна согласност, а со посредство на амбасадите на Република Северна Македонија во Пекинг и Париз, успешно е евакуирана од кинескиот град Вухан, информираше Министерството за надворешни работи (МНР).
Нејзината здравствена состојба е добра, не постојат симптоми на корона вирусот.
„Постапката на евакуацијата беше спроведена преку приклучување кон Програмата за евакуација на Франција, која за оваа намена организираше специјален лет кој што денеска слета во воена база на југот во Франција“, велат од МНР.
Пред да го продолжат патот до своите матични држави, патниците, меѓу кои и нашата државјанка, ќе бидат евакуирани во помал град на југот на Франција, каде ќе подлежат на задолжителен карантин во трaење од 14 дена, што е воспоставен протокол за евакуација на сите патници од Вухан.
МНР информира и дека е во постојана комуникација со евакуираната патничка преку надлежните амбасади во Пекинг и Париз, како и преку властите на соодветните држави.