МНР апелира Македонците во Турција да останат на безбедни локации

by Фокус

 

Македонското министерство за надворешни работи ги повика сите Македонци кои моментално се наоѓаат во Турција да останат на безбедни локации, да не ги напуштаат хотелите и објектите каде што се сместени и да избегнуваат собири на јавни локации.

Овој апел следува откако дел од турската војска синоќа се обиде да изврши државен удар, но турската власт на чело со претседателот Реџеп Таип Ердоган, со помош на дел од народот и полицијата, им се спротивстави на пучистите, при што загинаа околу 90 луѓе, а околу 1.100 беа повредени.

Официјалните власти во Анкара соопштија дека 1.563 војници се приведени, а 5 генерали и 29 полковници се отстранети од нивните позиции поради сомневање дека надвор од синџирот на команда се обиделе да ја соборат демократски избраната влада, на тој начин, според нив, извршувајќи предавство.

Заговарачите на државниот удар користеа тенкови и авиони во текот на ноќта, вклучувајќи и напади врз зградата на парламентот и канцеларијата на претседателот во Анкара, седиштето на разузнавачката служба и други установи, бидејќи, како што истакнаа, загрозени се уставниот поредок, човековите права и слободи, владеењето на правото.

Инаку, војската во Турција од 1960 година неколку пати има интервенирано за да се смени владата, но, според досегашниот развој на настаните, овојпат неуспешно, што ќе предизвика дополнителни кадровски интервенции во армијата.

Поврзани новости