Најголем дел од граѓаните, односно 66 отсто, сметаат дека доколку аплицираат на конкурс во јавната администрација немаат шанса за фер вработување, бидејќи членството во политичка партија претставува неформален услов за вработување (68,5 отсто), покажува истражувањето на јавно мислење на тема „Јавна администрација и непотизам“, спроведено за емисијата „Детектор“ на ТВ Сител, во која гостуваа министерот за информатичко општество и јавна администрација, Дамјан Манчевски, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Невенка Стаменковска и Миша Поповиќ од Институтот за демократија.
Според истражувањето, мнозинството граѓани (74,9 отсто) не ги оправдуваат партиските вработувања во јавната администрација. Дел од нив сметаат дека не е во ред да се вработуваат блиски роднини на функционери во јавна администрација (36,3 отсто), а дел се изјаснуваат дека треба да се направат ограничувања за ваквите вработувања (44,8 отсто).
Mинистерот за информатичко општество и јавна администрација, Дамјан Манчевски потврдува дека јавниот сектор е местото каде што најмногу се случуваат проблеми со вработувањата.
Тој истакнува дека во моментов работат за да се спречат овие појави, како преку законските измени кои се воведуваат со новиот закон за раководна служба, така и преку постоечките механизми за контрола.
-Во моментов во Агенцијата за администрација постои Комисија за ревизија на процедурите при вработувањата, но таа е ограничена само на вработувањата во јавната администрација на неопределено време. Предлагаме оваа комисија да се прошири и ќе понудиме опозицијата да даде свои претставници и комисијата да има увид во сите постапки, истакна тој.
И за пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Невенка Стаменковска, ова е прифатлива опција „прифатливо е да седнеме и да дискутираме за јавната администрација, да најдеме модел на избор, но само доколку е транспарентен и не е декларативен“, потенцира таа.
Неопходноста од преземање на мерки ја истакнува и Миша Поповиќ од Институтот за демократија посочувајќи ги резултатите од анализите направени од институтот, за процедурите при именување на директори на управни и надзорни одбори и искуството на ангажираните лица.
-Управните и надзорните одбори се најкритичи. Тоа е наследство од повеќегодишното лошо управување и сфаќањата дека правилата на игра се блискост до определена партија, вели тој.
Токму директорите се опфатени во Законот за висока раководна служба, кој веќе е презентиран во јавноста и е одржана првата јавна дебата. Според министерот Манчевски, се очекува законот да биде усвоен за два до три месеци.
Во однос за другите позиции, Манчевски посочува дека министерството соработува со Сигма, меѓународна организација за реформа на јавната администрација во ЕУ и дека веднаш штом има резултати тие ќе бидат соопштени на јавноста.