Мнозинството го изгласа законот за ГА-МА, опозицијата бара Пендаровски да стави вето

by Фокус

Собранието денеска попладне го донесе Законот за решавање на спорот за „ГА-МА“ со 60 гласа „за“, 30 „против“ и без „воздржани“.

По гласањето, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, рече дека законот ги крши членовите 8, 52, 55, 68, 98 и многу други од Уставот и го повика претседателот на Републиката да не го потпише указот за прогласување на овој, како што рече, скандалозен закон.

– Најавуваме дека ќе поднесеме постапка за оценување на уставноста на овој закон, кој што за жал, луѓето од Владата немаа храброст да го потпишат затоа што знаеа дека ова законско решение е неуставно, па прво пробаа преку Државното правобранителство да го протнат и на крај го најдоа решението преку владејачкото мнозинство и овие 62 пратеници да го потпишат овој закон – изјави Мицевски.

Пратениците на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, веќе поднесоа Барање до претседателот на државата, Стево Пендаровски, како еден од носителите на извршната власт, да го употреби своето уставно право на суспензивно вето. Тие ги наведоа следните причини во поткрепа на нивното барање:

(1) Законот е спротивен на Амандманот XXV од Уставот на РМ, кој вели дека судската власт ја вршат судовите и дека се забранети вонредни судови – при што, во случајов, парламентот е ставен во позиција на „преки суд“ кој, по брза постапка, решава судски спор кој трае над 15 години – со закон, надвор од своите уставни надлежности, што е без преседан во досегашната државно-правна историна на Македонија, од АСНОМ до денес;

(2) Законот е привилегирачки и е спротивен на чл. 55 од Уставот на РМ, бидејќи воведува партикуларен режим на решавање стопански спорови меѓу една приватна компанија и државата, спротивно на уставно загарантираната „еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот“;

(3) Станува збор за исклучително штетен и сомнителен закон, кој е спротивен на јавниот интерес, бидејќи за стар и амортизиран гасовод, кон има номинална вредност од околу 18 милиони ЕУР, државата ќе треба да исплати скоро 33 милиони ЕУР – и тоа во време на економска и здравствена криза од сериозни размери“, се наведува во Барањето на пратениците.

Поврзани новости