Мнозинство од републиканците во Сенатот се против импичмент на Трамп

by Fokus

Мнозинство од републиканците во Сенатот се против отповикување на Доналд Трамп. И покрај тоа што мнозинство сенатори или 55 (сите демократи и уште неколку републиканци) синоќа гласаа за почеток на процесот во Сенатот, голем дел од републиканците нема да поддржат отповик на поранешниот претседател.

Со ова, шансите се мошне мали тој да биде осуден во Сенатот заради „предизвикување на бунт“, како што гласи одредбата од импичментот претходно изгласан од Претставничкиот дом.

Судење, сепак, ќе има, откако беше отфрлено барањето на републиканецот Ренд Пол дека идејата за импичмент на поранешен претседател е неуставна и „пристигна мртва“. Процесот против Трамп во Сенатот треба да се отвори на почетокот на февруари. Демократите подготвуваат да покажат разновиден видео и аудио материјал како доказ за наводните злосторства сторени од него.

Тие го обвинуваат Трамп дека на 6 јануари 2020 година ги поттикнал нередите во главниот законодавен дом на САД, при што загинаа пет лица. Тој тогаш ги повика своите приврзаници „да се борат со сета сила“ и да „одат на Капитолот“, како демонстрација против резултатите од изборите на кои победа извојува демократскиот кандидат Џо Бајден.

Одлуката за импичмент на Трамп може да помина ако биде поддржана од две третини од гласовите на сенаторите, или за тоа треба да гласаат 17 републиканци. Малку веројатно, со оглед на расположението во Горниот дом на американскиот Конгрес. Против импичмент се и оние републиканци кои претходни ги осудија постапките на Трамп.

Републиканскиот сенатор Џон Корнин смета дека овој процес може да стане опасен преседан дури и за демократите. Линдзи Грем претодно укажа дека нема смисла да им биде судено на бивши претседатели.

-Замислете сега Џорџ Вашингтон да биде суден затоа што поседувал робови, рече Грем.

За многу републиканци како Ренд Пол, квалификацијата на демократите дека Трамп „поттикнал бунт“ поради тоа што сметал дека изборите се украдени, е сомнителна. Тој, од друга страна, беше единствениот сентор кој на гласањето за почеток на судскиот процес, не носеше маска, иако мерката на федерално ниво ја нареди претседателот Бајден.

Во некои конзервативни кругови, а тоа е пренесувано и од републиканските медиуми како Фокс њуз, дури се смета дека нередите на 6 јануари биле провоцирани од приврзаници на демократите.

Поврзани новости