Многу агресивни кучиња, или многу лесен начин да се дојде до 1.000 евра?

by Fokus

Откако изминатиот период јавноста сведочеше на голем број на масовни труења на кучиња во повеќе градови, убивање на кучиња со огнено оружје во Струга, но и чести случаи на пријавено каснување од куче од страна на граѓани, здруженија за заштита на животните го актуелизираат проблемот со пријавените напади и бараат институциите сериозно да се позанимаваат со секоја пријава од граѓанин каснат од куче.

Појаснуваат дека има сомнеж како се лажираат каснувања, бидејќи тоа е лесен начин да се дојде до заработка од околу 1.000 евра. Здружението за заштита на животните Про Анима од Берово, раскажуава за случајот со уличното куче Орсон од Скопје, кое сега е вдомено во Англија, а вдомувачите биле пресреќни со него. Тврдат дека кучето во Македонија било лажно пријавувано за каснување, а пријавувачот добил отштета од Град Скопје и од ЈП Лајка.

Ги отвораат прашањата колкав е износот кој им се исплаќа на ,,каснатите” граѓани, дали ист граѓанин се случува повеќе пати да пријави каснување од куче, кои се лекарите кои го издаваат извештајот, кои се адвокатите кои ги застапуваат оштетените, како изгледа разработена шема на на лажни пријавувања на каснување и слично. Според информации кои пред два месеци ги објави ЦУК, за последните три години во земјава биле пријавени 3.660 каснувања од кучиња, а на нападнатите граѓани им биле исплатени 183 милиони денари, односно околу три милиони евра. Дека лесна финансиска добивка може да биде мотив да се лажира каснување од куче, за ,,Фокус” уште пред две години детално раскажуваше сега веќе починатиот дресер Ристе Гиовски, од пансионот Гиовски тим, кој со години наназад бил задолжен за заловување и стручен третман на уличните кучиња во Велес.

Токму Велес важи за општина во која речиси секојдневно граѓани пријавуваат каснување од куче, а Гиовски откри дека многу велешани научиле дека можат да дојдат до лесно спечалени пари, самоповредувајќи се и пријавувајќи дека ги каснало улично куче. Во сите случаи кога се излегло на терен по пријава, ниту еден каснат граѓанин не го посочил кучето кое го каснало.

-Како ќе утврди лекарот дека раната е од забите на кучето, а не од клешта или друг остар предмет? Еве, повелете и самите истражете, искинете си стари фармерки, изгребете се, одете на лекар. Без проблем ќе биде евидентиран случајот како каснување од куче, ако така тврдите пред лекарот. Не е ова наивна работа, големи суми на пари се во прашање. Спогодбено се исплаќаат по 50.000 денари, а пак оние кои тужат, добиваат уште повисоки суми на пари. Не им е грижа што ќе мора да примат безпотребно и вакцина, на се се спремни – раскажуваше дресерот.

Тој појасни дека има и агресивни кучиња на улиците, но тоа е навистина реткост. Откри дека за три години заловиле и третирале над 400 улични кучиња, и само неколку од нив биле еутанизирани, бидејќи биле тешко болни или агресивни. Откри шокантни детали дека во градот дури имало и неколку адвокати на кои специјалност им биле тужбите поради каснување од куче.

-Десетици илјади евра пари од буџетот завршуваат кај оние кои пријавуваат дека се каснати од куче, или дека само биле нападнати, па претрпеле страв. Има, се случува навистина некој да биде нападнат, но овие бројки се нереални и за жал тоа е вистината-алармираше уште пред две години Гиовски.

Според информации кои неодамна ги сподели ЦУК, во последните три години во Скопје имало 1.853 напади од кучиња, во Кичево – 439, Велес – 250, Струга – 177, Тетово – 170, Битола – 149, во Прилеп – 122, Гостивар – 98, Куманово – 75 и Охрид – 50. Здруженијата за заштита на животните и активистите за нивни права се сомневаат дека овие бројки се реални, затоа што тоа би значело дека речиси секое куче во земјава е агресивно и има нападнато човек.

Вики Клинчарова

Поврзани новости