ММФ: Македонската економија влезе во период на раст, но клучно е да продолжат реформите

by Фокус

Економијата влезе во период на солиден раст и стабилност по долготрајната политичка криза, но од суштинско значење е да се остане на патот на реформата со цел дополнително да се зајакне отпорноста на економијата на шокови и трајно да се зголеми нивото на приходите, оценува Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд по минатонеделниот престој во земјава.

„Растот се очекува да се забрза до 3,4 отсто во 2020 година, што е одраз на привременото поттикнување од Буџетот за 2020 година и на повисоките плати. Пониските даноци и повисоките пензии и плати, вклучително и во јавниот сектор и минималните плати, се очекува да бидат дополнителен, иако еднократен, стимул за потрошувачката. Растот на извозот и инвестициите ќе остане солиден, иако ќе забави, што е одраз на слабиот раст кај трговските партнери“, стои во заклучната изјава од ММФ.

Од таму препорачуваат да се искористи овој период на солиден раст за да се обнови фискалниот простор, со цел, како што велат, да се зајакне способноста на економијата да се справува со идни шокови.

„Во овој контекст, плановите за модифицирање на елементи од неодамнешните фискални реформи би можеле да поткопаат некои од придобивките кои веќе биле остварени. Одејќи напред, зголемувањето на поголемата еднаквост на приходите и подобрувњето на животниот стандард ќе бара микс од фискална политика што е насочена кон раст и непоколеблива посветеност кон амбициозната агенда за структурни реформи“, посочуваат од ММФ.

Тимот на ММФ очекува фискалната позиција во 2020 година да биде порелаксирана и проектира фискалниот дефицит да се прошири до 2,5 отсто од БДП во 2020 година.

„Веќе имплементираната мерка за повратот на ДДВ – наменета за подобрување на наплатата на приходите ќе придонесе за зголемување на трошоците. Предложеното одложување на прогресивниот персонален данок на доход и данокот на капитални добивки ќе го забави растот на приходите. Истовремено, повисоките придонеси за социјално осигурување ќе генерираат дополнителни приходи, наведуваат од ММФ.

Поврзани новости