Младите си го тераат ќефот: На социјални мрежи почнаа да бараат вили или станови за новогодишната ноќ!

by Fokus

Полека се наближуваме кон крајот на оваа година, а еуфоријата за прослава на Новата година не е толку голема како во изминатите години. Причината за тоа е пандемијата на корона вирусот, која зададе силен удар и нанесе голема штета на целиот свет.

Локалите низ Македонија работат до 21 часот од пред извесно време, со цел да се спречи ширењето на вирусот, но и да им се помогне на здравствените работници.

Новогодишната ноќ нема да може да се слави до утринските часови по локалите, па така младите си бараат опции. Тие на социјалните мрежи почнаа да бараат изнајмување викенд куќи или станови за прослава за Нова година.

На фејсбук-групата „Цимер, дека си бе цимер (roommates and accomodation), која служи за издавање на станови и соби за студенти и вработени, најчесто од внатрешноста на Македонија, се појавија две објави во кои млади луѓе бараат сместување за Нова година и очигледно се прекршуваат мерките – се бара сместување за од осум до 12 луѓе.

Со тоа автоматски не се почитуваат протоколите на Министерството за здравство, каде е забрането групирање на повеќе од четири лица на отворен простор.

А само пред неколку дена, токсикологот Нико Беќаровски апелираше да се избегнат сите прослави за празниците, за во лето да имаме „мир во куќа“.

„Жртвувајте ги претстојните слави, новогодишни и божикни собирања, за спокојно и безгрижно да го дочекаме следното лето“, порача Беќаровски.

Вчера, во гостувањето на ТВ 21, првиот човек на Министерството за внатрешни работи, Оливер Спасовски порача дека се следи состојбата со објектите кои се издаваат за прослава.

„За празниците очекуваме некаков став од Комисијата за заразни болести, да видиме што ќе препорачаат во однос на проценката која ќе се направи за ризик. Ние во МВР ги следиме објектите за издавање за прослава на празниците. И веќе имаме одредени сознанија, и сериозно ќе преземеме мерки“, рече Спасовски.

На вакви слики македонската јавност беше сведок кога, уште на почетокот на март се затворија кафулињата, па забавите се префрлија на отворен простор, а дел од нив заминаа чекор подалеку – изнајмија приватни викенд куќи во околните населби па таму ги правеа забавите.

Ј.Ц.

Поврзани новости