Млада жена почина од смрзнување во Србија: Ивана со часови лежела во снегот, луѓето ја одминувале!

by fokus

Екстремно ниските температури, но и човечката негрижа ја однесоа првата жртва од смрзнување во соседна Србија зимава. Станува збор за 34-годишната Ивана Ј. од рударското село Лече, кај Медвеѓа, мајка на три малолетни деца, од кои најмалата ќерка имала едвај пет години.

Како што пренесуваат српските медиуми, смрзнатото тело на несреќната жена било пронајдено во понеделникот наутро во близина на селскиот мост. Ивана, која имала проблеми со алкохолот, лежела со часови во снегот, додека луѓе минувале покрај неа незаинтересирано.

Како што раскажале соседите, еден од рударите, кој со автобус поминал покрај неа, кога се вратил дома на нејзините соседи им кажал дека ја видел како полугола лежи во снегот. Кога соседите отишле на самото место, повикале итна помош, но било доцна да се спаси животот на младата мајка.

Таа живеела сама со социјална помош од околу 6.000 динари, едно од нејзините деца живеело со неговата баба, додека другите две биле сместени во згрижувачки семејства – пренесе Објектив.рс.

Реакциите на српската јавност по повод случајот се бурни. Актуелни се прашањата зошто никој не и помогнал на жената, без оглед на тоа што се работело за лице кое имало проблеми со алкохолот.

-Ја одминувале како да е мртва мачка на патот. Каде е човечноста, во што се претворивме?- се прашања кои читателите ги оставаат под објавата за несреќниот случај.

Вики Клинчарова

Поврзани новости