Мицотакис задоволен од темпото со кое се вакцинираат Грците

by fokus

Задоволство во врска со одвивањето на процесот на вакцинација во земјата, изрази грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на средбата со претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, и објасни дека вчера биле вакцинирани речиси 20.000 граѓани, додека пак денеска или најдоцна утре ќе стигнат до вкупно 200.000 вакцинации, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчкиот премиер истакна дека процесот на вакцинација може да се спроведува и побрзо, но целосно се зависни од бројот на вакцини што земјата ги добива.

Мицотакис рече дека се „многу емотивни сликите со возрасните граѓани кои со импресивна доследност се придржуваа до закажаните термини за вакцинација“, додека пак грчката претседателка истакна дека „даваат лекција на хуманост и одговорност“ и изрази надеж дека „нивниот пример ќе го следат сите граѓани, дури и оние кои сè уште се против потребата за вакцинација“.

И Мицотакис и Сакеларопулу истакнаа дека епидемиолошките податоци покажуваат дека Грција е во многу подобра ситуација во споредба со повеќето европски земји.

Денешната средба на грчкиот премиер и грчката претседателка беше во рамки на нивните редовни средби еднаш месечно.

Поврзани новости