Мицотакис со предлог до ЕК: Граѓаните кои ќе се вакцинираат да добијат сертификат за слободно движење

by fokus

Преку допис до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, но и до шефовите на државите на Унијата, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис предлага усвојување на стандардизиран сертификат за вакцинација за слободно движење на граѓаните кои веќе се вакцинирани, јави дописничката на МИА од Атина.

-Ние нема вакцинацијата да ја направиме задолжителна или предуслов за патување, но лицата кои се вакцинирани би требало да патуваат слободно. Ова, исто така ќе претставува позитивен поттик за охрабрување на граѓаните да се вакцинираат, што е и единствениот начин да гарантираме враќање во нормала. Врз основа на горенаведеното, итно е да усвоиме заедничко разбирање за тоа како треба да се структурира сертификатот за вакцинација за да биде прифатен од сите земји членки, пишува грчкиот премиер.

Во писмото испратено денеска, Мицотакис вели дека „најбрзото можно воспоставување на слободното движење меѓу државите членки, како и со трети земји е фундаментален приоритет на сите нас“ и додава дека од тие причини Грција, брзо реагираше и спроведува процедури „за олеснување на слободното движење на лицата вакцинирани против Ковид-19“.

-Клучен чекор во оваа насока е да се воспостави стандардизиран сертификат што ќе докажува дека лицето е успешно вакцинирано, пишува Мицотакис.

Паралелно, заедно со писмото го испраќа и нацрт сертификатот подготвен од надлежните грчките власти и додава дека ќе се користи за сите превозни средства, воздушни, морски и железнички.

Додава дека ако успешно се постигне заеднички став меѓу земјите членки на унијата за стандардизиран сертификат, тогаш тоа може да се препрати и на меѓународно ниво, со што ќе се направи придонес „во одново воспоставување на слободното движење на глобално ниво“, за враќање на економската активност на степен на кој беше пред кризата.

-За земјите како што е Грција, кои се зависни од туризмот, императив е ова прашање да се реши пред почетокот на летната сезона, истакнува Мицотакис во писмото, пренесе МИА.

Поврзани новости