Мицотакис: Штом ќе се признаат јазикот и националноста, прашање на време е кога државата ќе почне да се нарекува само Македонија

by fokus

Од моментот кога имаме признавање на македонски јазик и македонска националност, прашање на време е оваа земја да се нарекува чисто Македонија, рече Кирјакос Мицотакис на денешната прес-конференција во рамките на 83-от Меѓународен саем во Солун и истакнувајќи дека најголемиот проблем во Договорот од Преспа се македонскиот јазик и идентитет.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, претседателот на Нова демократија, одговарајќи на новинарски прашања, уште еднаш повтори и потенцираше дека неговата партија нема да гласа за ратификација на Договорот од Преспа дали во овој или во следниот парламент. Рече дека за нив најголемиот проблем се македонскиот јазик и идентитетот и во случај договорот од било кои причини да не биде ратификуван, тие како влада би започнале нови преговори, нешто што самиот Мицотакис го најави вчера во неговиот говор, тогаш фокусот би бил на овие две прашања.

Одговарајќи на прашањето дали прифаќа сложено име објасни дека е „очигледно дека не постои Грк што би сакал да постои името Македонија во името на соседната земја“, но истакна дека тој лично сака да биде реалист и спомена дека проблемот е во други елементи.

– Основниот проблем во договорот е во јазикот и националноста. Така што, следниот ден, доколку имаме можност, го потенцирам тоа, под предуслов дека нема да се ратификува договорот, големата битка, а ќе треба да знаеме колку битки можеме да водиме во исто време, големата битка ќе треба да биде за јазикот и идентитетот и ќе ви кажам зошто, бидејќи името многу брзо ќе се заборави. Од моментот кога имаме признавање на македонски јазик и македонска националност, прашање на време е оваа земја да се нарекува чисто Македонија. Таму е суштината на проблем и таму јас го лоцирам и вистинскиот проблем што е поврзан со иредентизмот на Скопје, рече Мицотакис.

Во одговорите на сите прашања посветени на спорот со името и Договорот од Преспа, лидерот на Нова демократија повтори дека проблемот е во „отстапувањето на македонскиот јазик и македонскиот идентитет“.

Поврзани новости