Mицотакис фатен како ги крши владините мерки против ковид – возел велосипед за време на забраната за движење

by Fokus

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис се најде на удар на јавноста откако беа објавени фотографии во медиумите и на социјалните мрежи на кои се гледа како тој и неговата сопруга возат велосипеди за време на забраната за движење што ја донесе Владата на чие чело е тој.

Тие возеле низ шумата, оддалечена околу час и половина од Атина со автомобил, а на фотографиите има повеќе луѓе, при што никој не носи маска ниту е на физичко растојание, ги пренесува „Политико“, пишувањата на грчките медиуми.

Во моментов, во Грција на сила е забрана за напуштање домовите само за на работа, до најблиската продавница или на лекар, додека групирањето е ограничено на три лица. За кршење на оваа мерка, казната е 300 евра, а полицијата објави дека прекршителите биле казнети со вкупно 780 000 евра минатиот викенд, но не и премиерот и неговата сопруга.

Најстрогите мерки во Грција се на сила до 7 декември, но владиниот портпарол Стелиос Пецас рече дека тие најверојатно ќе бидат продолжени, бидејќи епидемиолошката состојба не е значително подобрена. Пецас, за случајот со премиерот рече дека е „цел на напади затоа што е хуман човек кој никогаш не го одбива барање некој да се фотографира со него“.

Но, од опозициската Сириза велат дека да се ​​обвинуваат и казнуваат граѓаните за непочитување на прописите и истовремено да се кршат пропишаните мерки во никој случај не е хуманост, туку е знак на ароганција и недостаток на емпатија.

Поврзани новости