Мицкоски за Фокус: Најголем дел од времето во изолација го поминувам во математички пресметки за економијата

by Фокус

Поради интервју со новинар кој се испостави дека е позитивен на Ковид 19, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски доби препорака да помине 14 дена во изолација, кои истекуваат овој четврток. Мицкоски за Фокус вели дека досега не почувствувал никакви симптоми типични за корона вирусот. Затоа, тој очекува наскоро да се врати на нормалното функционирање.

-Потребно е да се направи уште едно тестирање и со оглед дека досега не почуствував некој од симптомите карактеристични за самата зараза, очекувам и тоа тестирање да биде негативно, со што практично ќе се вратам на моето нормално функционирање. Не можам да кажам дека човек е среќен во изолација, но сметам дека е важно и одговорно да се придржуваме до препораките на здравствените лица, со тоа меѓудругото да го заштитиме и здравјето на луѓето околу нас. Не треба на самиот вирус да се приоѓа несериозно или со потценување, тука нема шега, и се работи за сериозна појава која задава сериозни удари на здравјето на луѓето, но и отвора нови процеси кои досега не се поминати во модерниот свет. Новите околности бараат прилагодување на дневното однесување и нови навики – вели Мицкоски.

Тој посочува дека најмногу му недостига непосредниот контакт со луѓето, но тоа го компензира преку модерните средства за комуникација, како мобилниот телефон, социјалните мрежи… Во најголем дел од времето дома, како што истакнува, е преокупиран со економски анализи.

-Најголем дел од времето го поминувам во математички пресметки за тоа што треба да се направи во економијата за што побезболно се помине овој кризен период. Секоја мерка која ја предлагам сакам да биде издржана и со претходна проверка дека ќе даде резултати. Состојбите во економијата се далеку од розови. Имаме огромен дефицит и државата не создава додадена вредност. Се плашам и дека задолжувањата ќе бидат недоволни за да се покрие дупката која е создадена далеку пред кризата, а која сега се продлабочува. Но, во делот кога не анализирам, имам слободен простор да ги погледнам најновите вести во земјава, регионот и светот. Порано тоа го правеа соработниците кои ме информираа за поважните случувања, а сега тоа можам и сам да го направам – вели Мицкоски.

Тој додава дека е во постојана комуникација со луѓето од партијата. Како што посочува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, преку видео врска е во дневна комуникација со раководството на партијата и неговиот кабинет, бидејќи, како што вели, работите не смеат да застанат.

-Се координираме за настани, ставови за поважните прашања. Комуницирам со техничките министри и замениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, се информирам од министерот за внатрешни Чулев за безбедносната состојба, за тоа во како се одвиваат работите во делокругот кој е важен за нормалното функционирање. Потоа комуницирам и со нашите сестрински партии од Европската Унија, разменуваме искуства за состојбите имајќи во предвид дека имаме заеднички предизвици. Се информирам од нашите здравствени експерти за тоа како се движат процесите или го правам се она што може да се направи по телефон или разговор. Се разбира, со нетрпение чекам да можам да започнам со стандардното темпо на работа – истакнува Мицкоски.

Тој очекува дека наскоро би можело да се намали здравствената криза, но, како што вели, го загрижува економската криза. Нејзините последици, според него, ќе се чувствуваат подолг период.

-Имаме цели сектори и дејности кои не работат и десетина други поврзани со нив кои имаат намален промет. Секој ден луѓе остануваат без работа, а бизнисот трпи. Овие работи се решаваат со добар план, но и квалитетни луѓе. За жал, досегашните сигнали кажуваат дека имаме работа со дезориентирана влада во паника, која не се занимава со суштина и презема недоволни и слаби мерки. Нам ни е потребно лидерство и храбри чекори, а не од народот да зема и крати за да се пополнуваат дупките кои се создале за разни потреби оправдани, а најчесто неоправдани. Во тој контекст, очекувам Владата да ги слуша добрите идеи, и да не биде суетна. Македонија е заедничка држава сите ние имаме одговорност, а конците за носење на решенија се во рацете на актуелната власт. Колку повеќе се чека за квалитетни решенија, толку кризата ќе биде поголема – порачува Мицкоски.

Влатко Стојановски

Поврзани новости