За ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата важни се договорените датуми, 3 јануари, формирање техничка Влада и 12 април 2020 предвремени парламентарни избори, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во Куманово.

– И на средбата кај претседателот се разговараше за можностите што денеска се дилема и кои денеска ги рефлектираат од страна на СДСМ и онаа загриженост која што ја рефлектираат. Мислам дека загриженоста повеќе се темели на стравот од катастрофален пораз на следните предвремени парламентарни избори, на тој начин доколку продолжи парламентарното мнозиниство вака да се однесува не само што ја загрозуваат демократијата, не само што влијаат врз изборниот процес туку комплетно го делегитимираат последниот лидерски состанок кај претседателот Стево Пендаровки и на тој начин само дополнително создаваат недоверба  меѓу граѓаните во Македонија, изјави Мицкоски во Куманово по обраќањето пред граѓаните во рамки на караванот „Разговори за обнова за Македонија”.

Мицкоски изјави дека граѓаните навремено во втората половина од декември ќе ги знаат имињата за министрите и нивните заменици во техничката Влада, истакнувајќи дека во наредниот период ќе се формираат  републичкиот, општинските изборни штабови, ќе се почне со мерење на јавното мислење, пораките кои ќе се кажат пред граѓаните.

Во однос на тоа дали има план „Б” за ратификација на протоколот за членство во НАТО за  Македонија од Шпанија, Мицкоски вели дека и за тоа било разговарано на лидерската средба.

– Оваа тема ја разговараме и на состанокот кај Пендаровски, таму имаше преставници од неговиот кабинет, универзтитетски професори кои дадоа толкување дека во минатото имало пракса кога ќе се распушти Собранието, да се собере. Јас не го зборував тоа, тие го зборуваа, така што побарајте толкување од таму, побарајте сведоштво од таму, што беше разговарано и што беше од нивна страна дадено како совет. Сите политичари, претседатели на политчки партии кои што беа дел од тој состанок тоа го слушнаа и сите беа сведоци на тоа, така што навистина јас овие осцилации не можам да ги разберам. Вака не може сериозно да се однесуваме и да бараме сериознот од останатите субјекти во државата. Ние мора да покажаме сериозност барем сега кога има предуслови за таква сериозност, а тоа беше последната лидерска средба, изјави Мицкоски.

По 12 април 2020, како што рече, ќе има одговорност и пред законите, но и пред граѓаните. Мицкоски смета дека граѓаните нема да заборават што се случуваше овие три години.