Мицкоски вели Заев не сака професионалци, не ја коментира (против)уставноста на предлогот

by fokus

По вчерашниот молк од ВМРО-ДПМНЕ, откако премиерот Зоран Заев го отвори прашањето дали предлогот воено лице за министер за внатрешни работи е уставно, денеска Христијан Мицкоски преку статус на Фејсбук порача дека Заев и власта се плашат од професионалец на позцијата во МВР. Што се однесува до членот 97 од Уставот кој вели дека министерот мора да биде цивилно лице, Мицкоски не даде коментар.

-Поставувањето на врвен професионалец на чело на МВР без ниту една дамка во кариерата не е природна средина за челниците на Власта. Наместо ова да биде правило во нормална држава, ваквиот предлог се доживува за исклучок, и затоа е голем отпорот во власта.
А она што насушно и треба на Македонија е професионалците кои оваа влада сега ги става на маргините, да им се даде шанса да ги превземат работите во свои раце.
Фактите говорат дека оние кои се огрешиле спрема законот се плашат од професионалец кој ќе ги открие, разобличи и ќе се бори против нив.
Заев и СДСМ очекува решение за човек кој мислат дека ќе го држат во рака за да продолжат со нивните комбинации. А ние со ваков предлог сакаме да направиме дисконтинуитет во хаосот кој Заев и Спасовски со лошото менаџирање во МВР го создаде во државата, дисконтинуитет на рекетите под државна капа, клановите блиски до власта кои спроведуваат криминал, дисконтинуитет на бандитизмот кој се шири низ улиците, заплените автомобили, дрогата која е на секој чекор. И ВМРО не отстапува од борбата против сето ова.
Она што ми е поважно од тоа да се избере решение кое ќе му се допадне на Заев, е да се бори против криминалците и да и служи на Македонија, пишува Мицкоски.

Тој додава дека тој и ВМРО-ДПМНЕ веруваат во професионалците кои се дел од нашите институции, во чесните луѓе кои се разочарани од оние кои гледаат на политиката низ призма на само личен интерес и воедно имаат надеж дека доаѓаат луѓе кои ќе се борат за да сето ова го променат и да вратат ред и поредок во државата.

-И знам дека вакво едно решение ја избезумува власта и нејзините перјаници кои треба да знаат дека допрва ги чека главоболка пропорционална со степенот со кој се огрешиле спрема законите и народот на Македонија. Затоа ја повикувам Власта да не ги одложува работите, кочењето на професионалец за МВР, нема да го избегне неминовниот пораз, туку ќе го зголеми.
Вистината зошто го оспоруваат нашиот предлог за технички министер за Внатрешни работи треба да се бара во истата причина зошто претходно пуштија над сто закони во Собрание, повеќето за заштита на личните и лукративни интереси на врхушката на власт, или пак во тоа што го одбија предлогот за превремена ратификација на протоколот за членство во НАТО. Сето ова е само алиби, а вистината лежи во сознанието дека ќе загубат на изборите и тоа ги прави нервозни и тогаш најмногу грешат, се плашат, галамат, даваат отпор кон она што е неминовно. А народот ги чека да им го даде црвениот картон и не е прашање дали ќе паднат, затоа што ним им се бројани деновите во политиката, вели Мицкоски.

Поврзани новости