Мицкоски раскажа како со Села ги надминале настаните од 27-ми април

by Fokus

Како изненадување за јавноста дојде веста која лидерот на ВМРО ДМПНЕ, Христијан Мицкоски ја сподели со јавноста пред три недели, за склучениот договор за соработка со Алијанса и Алтернатива. Одиме на победа, заедно, против корупцијата и за силен развој на општините, напиша тој, објавувајќи заеднички фотографии со лидерите на партиите, Зијадин Села и Африм Гаши.

По насилството кое се случи во Собранието на 27-ми април 2017 година, по нападот врз пратениците, кога Села едвај остана жив, прашањето кое е актуелно и се провлекува низ јавноста е како тој и Мицкоски ги надминале настаните, дали разговарале на темата и за траумата која ја преживеа Села, но и како поминале преку се. Во разговор за ,,Фокус” лидерот на ВМРО ДМПНЕ не дава директен одговор на прашањето дали ја допреле темата за нападот кој беше извршен врз Села, и дипломатски одговара дека разговарале за иднината.

-Македонците, Албанците, политички определените, но и неопределените имаат еден проблем кој е заеднички за сите. Тоа е неспособност, криминал, корупцијата, срамот и немањето стратегија за иднината на оваа Влада, предводена од СДСМ и ДУИ. Тоа не обединува и мотивира! Со господинот Села и господинот Гаши зборуваме за иднината за сите граѓани, за проекти, резултати и надеж! Во минатото нека останат заглавени овие политичари од оваа Влада, предводена од СДСМ и ДУИ, бидејќи не знаат да понудат иднина – ни изјави Мицкоски.

На прашањето конкретно дали ја допреле темата за нападот кој беше извршен врз Села, тој вели дека во дадената изјава се наоѓа одговорот. Како изненадување за јавноста дојде и изјавата на Села од пред некој дн, кога кажа дека нема потреба Мицкоски да му се извинува за 27-ми април, туку повеќе треба да му се извини Зоран Заев.

Како потсетување, напаѓачите на пратеникот и лидер на партијата Алијанса на Албанците, Зијадин Села добија затворски казни во времетраење од 10 до 13,5 години на изрекувањето на пресудите во Кривичниот Суд во Скопје во 2018 година. Фотографиите и снимките од нападот на Собранието на кои се гледа како напаѓачите го влечат крвавото тело на Села се уште вртат во етерот, како потсетник на крвавиот настан.

Вики Клинчарова

Поврзани новости