Мицкоски: Одлучете со срце по сопствено убедување, ние ќе се поклониме на таа одлука

by fokus

По вечерашните состаноци, ВМРО-ДПМНЕ одлучи да остави на граѓаните да одлучат по сопствено убедување како да постапат на референудмот. Сепак, лидерот Христијан Мицкоски им порача на граѓаните дека тие најдобро знаат што сака тој да им каже.

-Остануваме на ставот дека сме против овој Договор, бидејќи се менува Уставот и институционалниот идентитет. Ги губиме сите позиции и аргументи стекнати наназад. Самото референдумско прашање е манипулативно и повеќезначно. ВМРО-ДПМНЕ е за членство во НАТО и ЕУ, тоа се нашите пријатели. ВМРО-ДПМНЕ е на страна на сите оние кои се против овој Договор, на било кој начин. И после референудмот и Договорот, ќе има државни тендери за Анѓушев, Заев ќе продолжи да лаже и краде. Значи не е до Договорот, туку кој ја води државата. Меркел рече дека освен Договорот има и други услови што треба да се реализираат. Прашањето за името е едно од најзначанјите за нашата држава, ова е прашање кое задира во историјата и се однесува на иднината, на младите. Ова не е прашање на Мицкоски и на Заев, ова е прашање за Македонија. Ова се историски моменти. ВМРО-ДПМНЕ по консултациите од граѓаните и различните мислењата, по одржаните состаноци, и јасниот став дека договорот е неприфатлив, донесовме одлука секој граѓанин да постапи според сопственото убедување. Секој ќе донесе одлука која смета дека е најдобра за своето семејство и држава. Ќе одлучи нацијата и на таа одлука сите ние ќе се поклониме. Имате се пред вас и се е видливо и сум убеден дека знаете што треба да направите. Вее најдобро знаете што сакам да ви кажам, само слушајте го вашето срце и на крај Македонија ќе победи, рече Мицкоски.

Поврзани новости