Мицкоски: Одложувањето на пратката вакцини е срам, нека седнат и нека ги потпишат оставките

by fokus

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара оставки од надлежните поради одложувањето на првата пратка вакцини за Ковид-19 од Србија во Северна Македонија.

-Срам, како може да го коментирам овој случај. Едноставно со еден збор може да кажеме дека веќе се срамам што сум дел од ова, па макар и опозиција, би рекол политичко мочуриште. Тоа е срам кој на дневна основа ни го приредуваат луѓе од Владата, и тој срам го приредуваат на цела држава, на цел народ. И тука нема политички неопределени, определени, верски, вакви и такви или и национално, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци и останати. Ова е брука и голем срам кој ни се случува на сите, рече Мицкоски, кој беше во посета на село Горно Коњаре, прилепско.

Лидерот на опозициската партија кажа дека не само што сме последни или сме држава во која нема вакцини, туку веќе и ни се потсмеваат.

–Не само што сме последни, туку почнаа веќе и мајтап со нас да си играат сите. Наместо да седнат и да ги потпишат нивните оставки, тие уште ги гледам се обидуваат да наоѓаат оправдувања преку некои ступидни соопштенија кои ги лиферуваат во јавноста и велат недостасувале документи, им недостасува памет. Тоа е она кое можам да го кажам, ако имаа малку повеќе памет и стратегија и визија тогаш немаше денес ние да бидеме последни да се срамиме со нивните постапки, рече Мицкоски.

Поврзани новости