Мицкоски: Ни треба акција во економијата, не шминка

by fokus

Владата мора да прифати економски мерки за да се спасат бизнисите, вработените да ја задржат работата, и да се покрие дупката што ќе настане во буџетот за да може истиот да ја задржи ликвидноста, рече претседателот ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на интервју за Сител телевизија зборувајќи за економските мерки кои ги презема владата за ублажување на економската криза што ја предизвика пандемијата на корона вирусот.

– Мојата грижа е да предложиме што повеќе мерки, да се избориме тие мерки од оваа влада да бидат прифатени, за да спасиме што е можно повеќе човечки животи. Ова коешто излезе како сет на мерки коишто Владата ги предложи е повеќе навредливо. Нам ни треба акција во економијата, не шминка. Секој ден апелираме веќе седум, осум дена, секојдневното чекање подразбира повеќе трошок за граѓаните, повисока камата на парите, вели Мицкоски.

Мицкоски посочи дека денеска 12 илјади луѓе во две фабрики остануваат на годишен одмор, што ќе се случи со оние коишто се погодени особено во секторот транспорт, туризам, угостителство, тоа се илјадници наши граѓани.

– Државата треба веднаш да покрие 50% од трошоците за секој еден вработен, како плати така и придонеси, но и замрзнување на ратите кон банките и заемодавателите, за да може да се спасат бизнисите но и да се задржат вработените во Македонија. Зборуваме и за плати и за придонеси, да почувствуваат сопствениците на бизниси дека некој застанал рамо до рамо со нив, затоа што тој како сопственик на бизнис наместо да стави клуч на врата и да го испушти вработените, претпоставувам има некакви залихи, и ќе живеат пристојно. Но што со вработените, ќе помине пандемијата, и тие ќе ја напуштат државата и многу тешко ние ќе можеме бизнисот да го рестартираме. Затоа тој мора како човек кој е сопственик на бизнис да почувствува дека државата размислува заедно со него и е подготвена да сноси 50% од ризикот“ потенцираше Мицкоски.

Тој додаде дека многу е важно да се преземат сите мерки, да се замрзнат плаќањата на рати кон банките и заемодавателите бидејќи тоа е добро и за банките, ќе немаат резервации.

Поврзани новости