Мицкоски не барал амнестија, „само“ истрагите на СЈО да се посипат со пепел, а бомбите да се запалат за век и векови, амин!

by fokus

Пишува: Валентина Вурмо

ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски не барале амнестија за своите сопартијци, осомничени во истрагите и предистрагите на СЈО, а кои се стотина на број. Барале „само“ да запрат предметите, да ги посипат со пепел, а бомбите, да се запалат, за век и векови амин, како што велеше еден антикорупционер и повеќе СЈО да не го споменува името на Никола Груевски и неговата дружина, амин.

Ова е нивната црвена линија во преговорите за иднината на СЈО, пред која и Грците можат да се прекрстат!

Епа, ако ова не е амнестија, тогаш не знам што е?! Или што би рекол народот, „не по врат, по шија“!

За потсетување на Мицкоски, и премиерот Зоран Заев не го споменуваше зборот амнестија, кога ги повика пратениците вратари од „27 април“ да се помират, порачувајќи дека тој е спремен да им прости. Сите кои ваквото подавање на рака го протолкуваа како амнестија, беа искарани од Владата дека не треба да читаат меѓу редови, туку само онака како што е напишано, помирување и простување!

Играта со зборови заврши кога беше донесен законот за селективна амнестија. Јасно како бел ден беше дека јавноста убаво читала, а власта манипулирала, како што сега манипулира Мицкоски!

Не е на одмет да се спомене дека новокомпонираниот лидер на опозицијата тогаш понудената амнестија, упс, подадената рака,  ја нарече трговија со правото и правдината, што е и вистинскиот опис, но е лицемерно кога сега тој го прави истиот пазар, во улога на главен трговец.

Од поднесените проширени и надградени 65 амандмани, она што накратко ВМРО-ДПМНЕ го бара е СЈО да продолжи да постои, и тоа зауздано, но и под услов да ги запре истрагите против нивните довчерашни функционери, и отсега натаму да расчистува исклучиво со криминалите од минатото на СДСМ, но и на сегашната влада.

Како ли само им текна, а таман ја подзаборавивме онаа старата „Бранко е крив“!

Кога Мицкоски условува СЈО да се занимава со духовите од минатото, мислејќи најверојатно на приватизацијата од 90-години, не може а да не се праша, зошто неговото ВМРО-ДПМНЕ не расчистило со овој криминал? На располагање имаа временски период од една деценија, а обвинителството беше во нивни раце. Зошто сега бара да се гони Црвенковски и неговата дружина, кога овие дела веќе оддамна се застарени?! Или се се прави, колку и да е небулозно, само за да се тргне погледот од неговиот ментор Груевски!

Но тоа не е се. Мицкоски не сака ниту СЈО во иднина да игра со победничкиот тим, туку на негово место да дојдат аутсајдери, односно зврлевци и шврговци. А кои им е крив кога самите ја одбраа шефицата!

И на крајот се се врти околу парите. Неверојатна е опседнатоста на опозицискиот лидер со чекмеџето на Катица Јанева. Нему му сметало што Јанева се „расфрла“, а тоа што неговите сопартици ја разграбаа државата, не го става ниту на крај памет. Платата на Јанева му боде очи, ама замижува пред плацовите на Водно. Ама, според вмровската логика, тоа не било крадење, туку било политички прогон! 

И додека од Белата палата грми „Не сакаме правда, сакаме мир“, молк од Мала Речица. Ним им одговара ВМРО-ДПМНЕ само да го заврши пазарот, а тие со чисти раце да го соберат ќарот. Како и секогаш!

Поврзани новости