Мицкоски: Меѓународната заедница да се заинтересира за жртвите на реваншизмот

by Фокус

Мора да престане теророт врз луѓето, мора да престане тие да губат работа затоа што се припадници на некоја партија или мислат поразлично од власта, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред присутните на „Протестот против реваншизмот и теророт врз граѓаните и политичките неистомисленици“. Притоа, тој ја повика меѓународната заедница, која, како што рече, се повикува на владеењето на правото, да излезе и да ги слушне човечките судбини.

Да слушне како денеска родителите солзи ронат затоа што не можат да обезбедат пристојна егзистенција за своите семејства. Затоа што ги гледаат натажените лица на своите деца на кои што не може да им обезбедат компјутер за да следат настава како што тоа го прават нивните врсници. Затоа што имале само еден грев, биле активисти или ја подржувале опозицијата или имале различно мислење од власта – рече Мицкоски.

Лидерот на опозицијата ги повика и сите невладини или владини организации кои, како што рече, денеска користат грантови, да излезат да поразговараат со сите илјадници граѓани кои што денеска не знаат како да го поминат месецот.

Разговарајте за нивната судбина. Да видите зошто истите тие денеска протестираат овде! Протестираат овде, затоа што протестираат против неправдата и маката која што е нанесена од СДСМ и Зоран Заев. Затоа што денеска се преместуваат луѓе од Скопје во Кичево, од Кичево во Битола, од Битола во Велес, само затоа што се неистомисленици со власта – потенцира Мицкоски.

Тој ги повика граѓаните да им се придружат и на следните протести кои што ќе бидат од различен карактер и различна содржина.

Поврзани новости