Мицкоски: Мажишта гинеле под бајракот на името Македонија за они да можат да трошат пари на она фијаско вчера

by fokus

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од говорницата во Кавадарци денеска се осврна и на владината прослава што се одржа синоќа во петнаесет града, нарекувајќи ја фијаско.

– ВМРО е тука. Македонија, буквите за кој пишувале великани, Прличев, Мисирков, Коневски, името под чиј бајрак гинеле мажишта, се собрале и илинденците и партизаните за да го имаме ова што го живееме денес, за да може вие да трошите пари за фијаска како тоа што беше вчера – рече Мицкоски..

Според него, уметниците кои настапија на прославата, биле прелажани.

– Нека не се залажуваат со онакви прослави како онаа вчера, на која учествуваа прелажани уметници, на кои треба да славиме дека сме влегле во НАТО и ЕУ, а всушност сме многу далеку од нив. Во НАТО и во ЕУ не се лажат пејачи да дојдат да свират демек на културна манифестација па после испаѓа дека свират за политички цели, во ЕУ и НАТО не местат тендери за членови на владата или за браќа на премиерите, во ЕУ и НАТО не се возат со воени хелихоптери по приватни ручеци и вечери, во ЕУ и НАТО нема да видите ослободени криминалци или аболирани премиери, нема да видите како градоначалници со комбе шверцуваат цигари… да не се лажеме, далеку сме од ЕУ и НАТО. Таму не се оди со овие луѓе, таму се оди со визија и проекти – рече лидерот на опозицијата.

Пред да влеземе во ЕУ и НАТО, додаде тој, треба да се промениме.

-Колку сака Заев нека глуми радост и нека бакнува пенкала на непрописен начин. За ЕУ и НАТО треба да се промениме, да размислуваме европски. За тоа е е потребна нова генерација политичари, да раскрстиме со остатоците на политичките транзиционери кои ги окупираат кабинетите во Владата и во министерствата. Да раскрстиме со тие политичари. Го гледам министерот за внатрешни работи се приклучи на партиска еуфорија, демек славел, а нема да одржи прес конференција на која ќе ги соопшти причините и мотиви за прерано изгубениот живот на Саздовски. Оставка е најмалку што треба да направи – порача тој.

 

Поврзани новости