Мицкоски ќе бара помош од Орбан и Јанша за бугарското вето

by fokus

Од утре претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како и потпретседателот Александар Николоски, во наредните неколку дена ќе остварат дипломатски посети и ќе се сретнат со унгарскиот и словенечкиот премиер, Виктор Орбан и Јанез Јанша, најавуваат од партијата.

-Претседателот Мицкоски ќе оствари средба со претседателот на Фидес, а воедно и премиер на Унгарија Виктор Орбан. Тоа е партијата од која потекнува и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. Потоа ќе оствари средба во Љубљана и со премиерот на Република Словенија и претседател на Словенечката Демократска Партија Јанез Јанша. Ова е особено значајно за европските интеграции ако се знае дека Словенија е идната земја која ќе го преземе претседавањето со ЕУ. Воедно во неколкудневната дипломатска активност лидерот на ВМРО ДПМНЕ ќе оствари средби и со претставници на хрватската владејачка партија ХДЗ, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека средбите ќе бидат искористени за активно лобирање за државните интереси на Македонија пред се одблокирање на патот кон Европската Унија.

-Средбите ќе бидат насочени и кон градење на мостови на регионална соработка на ВМРО-ДПМНЕ, како и разгледување на можностите за идна економска соработка и отворање на можностите за привлекување на инвестиции и размена на знаења со цел економско зајакнување на земјава во периодот на силната економска криза и рецесија, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости