Мицкоски: Каде ќе им оди душата, додека се мислат дали да набават вакцини од Русија, луѓе умираат

by fokus

Врз основа на информациите кои што во медиумите се присутни гледаме дека практично нема никаква комуникација помеѓу влада и држави кои што се производители на вакцините, меѓу која е и Руската федерација, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

-Јас навистина не знам каде на овие луѓе ќе им оди душата кога знаат дека луѓе денеска го губат својот живот или пак поминуваат низ пандемијата предизвикана од овој КОВИД 19 вирус, а притоа тие калкулираат политички, коленичат мислејќи дека на тој начин ќе остават впечаток за лојални сојузници или за лојални поданици. Навистина не можам да ги разберам каде ќе им оди душата бидејќи кога станува збор за здравјето на граѓаните не е важно од каде доаѓа вакцината, важно е вакцината да е тука и да можат оние луѓе кои што сакаат да се вакцинираат, да се вакцинираат. Јас не можам да ги разберам овие луѓе како заспиваат и како се будат и како ќе продолжат да го живеат животот, изјави Мицкоски.

Мицкоски смета дека власта може да биде обвинета за смртта на илјадници граѓани на Македонија, бидејќи не успеала навремено да набави вакцина, нагласувајќи дека не е важно од каде доаѓаат вакцините, туку е важно здравјето и животот на граѓаните.

-Тие можат да бидат обвинети за смртта на илјадници наши сограѓани, затоа што навремено не успеале да набават вакцина, без разлика дали таа е од Кина, дали е од Русија, дали е од Европската унија, дали е од САД. Не е важно од каде е. Час поскоро вакцината треба да се донесе, да може оние граѓани кои што сакаат да се вакцинираат, да се вакцинираат, да спасиме живот повеќе, да спасиме здравје. Тоа е суштината и тоа ги прави одговорна влада. Гледате што се случува земји членки на ЕУ се надаваат денеска колку вакцини ќе земат од Кина, од Русија, или пак од другите производители. Но, оваа влада мисли дека ако вака сервилно се однесува па ќе можат да крадат и да лажат, рече тој.

Поврзани новости