Мицкоски и Јанчев заедно во Кавадарци

by fokus

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и актуелниот градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев, кој беше и потпретседател на партијата, вечерва заедно присуствуваа на партиски настан во Кавадарци.

Станува збор за одбележување на јубилеен роденден од формирањето на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци, а на една од фотографиите кои ги објави Мицкоски во првиот ред со него е и Јанчев.

Во пораката која ја напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ бара „обединување против злото“ и за „промени“.

Инаку, Јанчев беше разрешен од функцијата потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во октомври 2018 односно набргу по референдумот кој се одржа на 20 септември 2018 за промена на уставното име, на кој тој не бојкотираше туку излезе и гласаше „против“.

Градоначалникот на Кавадарци беше и меѓу оние кои јавно бараа оставка од Мицкоски, а во јавноста не ги криеше ниту амбициите да биде нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Сепак, очигледно е дека двајцата ги надминале несогласувањата и по се изгледа Јанчев повторно ќе биде кандидат за градоначалник на Кавадарци од ДПМНЕ.

Поврзани новости