Мицкоски го цитираше Мартин Лутер Кинг: Нашите животи го почнуваат својот крај оној ден кога ќе замолчиме на значајните нешта

by Fokus

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска присуствуваше на ораторската вечер во Скопје. Тој се обрати пред младите и порача дека е задоволен што гледа желба да се говори и јасна визија за работите како понатаму.

„Навистина е убав настанот кога гледате млади луѓе со сиот нивен жар, потенцијал и младешка непрекор како имаат волја и желба да зборуваат за работите кои се важни за нашата држава,но и за нашето општество.

Во тој контекст еден од најголемите оратори Мартин Лутер Кинг има кажано:  “Нашите животи го почнуваат својот крај оној ден кога ќе замолчиме за значајните нешта.”

Денес овде го гледам токму спротивното, желба да се говори и јасна визија за работите како понатаму.

Како млади луѓе многу е важно да имате став за работите, да бидете носители на промените кои сакате да ги видите, затоа што ако вие тоа не го направите, нема кој друг да го направи тоа во ваше име.

Еден од најдобрите антички римски оратори Цицерон ќе каже – Да се биде задоволен со тоа што се има е најголемото и најсигурното богатство“, вие имате повеќе од тоа, го имате знаењето, целиот свет пред вас и можност да ги менувате работите.

Вашата бунтовност треба да ја насочите кон делотворност, вашата енергија да ја насочите кон тоа да ги менувате работите, а вашата љубов кон нашата земја да креирате општество какво што сакате да видите.

Често знам да кажам дека неправдата било каде е закана за правдата секаден, и тоа е верувале или не навистина така. Неправдата било каде е закана за правдата секаде. И целосно сум свесен за предизвиците со кој се соочува младиот човек, со неправдите на системот, со неразбирањето кое се покажува од власта, со неправдите кои сите ние ги чувствуваме, а највеќе ги чувствувате токму вие. Свесен сум за ветувањата кои ги даваше оваа власт а не ги исполни, за пропаднатите надежи и измамените чувства. Со неправдата која притиска и силно не влече надоле како општество. Затоа промените треба да почнат токму од вас, а од кој друг ако не од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.

Нашата држава се наоѓа пред крстосница и изборите кои следат не се само одлука за претседател на Република Македонија, тие се многу повеќе од тоа, тие се одлука за тоа каква Македонија сакаме, понижена, криминална, ограбена, без вредности и принципи, или праведна, горда, со подадена рака кон оние кои што вредат, и со концепт и визија за иднината. Јас се борам за оваа втората, за втората Македонија, онаа вистинската, онаа која што е нашиот завет, онаа која што не инспирираше да сме токму тоа што сме“, рече Мицкоски.

Поврзани новости