Мицкоски до Пендаровски: Политичар кој се плаши од својот народ треба да ја напушти политиката

by Fokus

Политичар кој се плаши од својот народ треба веднаш да се спакува и да ја напушти политиката. Лидерство се покажува и во добри и во лоши моменти, напиша лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на Фејсбук – порака упатена до претседателот Стево Пендаровски.

-Непочитување кон жртвата на хероите дадена за Македонија, македонскиот народ и нација претставува токму “циркузантската” минијатура во форма на мини колона која треба да ја предводи Претседателот, обезбедувана од два баталјони полиција без присуство на народ, во време кога пред 118 години хероите во Крушево ја завршиле работата. Жалам што поради сопствениот страв од соочување со народот, големата лична суета и елитизмот сакате да обезличите настан кој не е на политичарите, туку тоа е настан на народот. Народот кој се борел за Македонија, кој се бори и ќе продолжи да се бори, пишува Мицкоски.

Мицкоски му се обраќа на Пендаровски пишувајќи дека и тој еден ден веќе нема да биде претседател и ќе си замине, но ќе остане запаметен по тоа што ќе остави позади себе, но и по „оваа кукавичка одлука да му го одземете на народот чествувањето на жртвата на Илинденците“.

-Со кое право цензурирате традиција, тоа не го правеле ниту поробувачите, ниту комунистите, ниту најголемите негатори на македонскиот народ, посебност, култура и обичаи? Ве советувам да размислите за одлуката, не му го одземајте на народот тоа малку достоинство што му е преостанато. Оставете ја традицијата и обичаите да бидат такви какви што од баба на внук се пренесувале. На Илинденците, Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми и останати не им требала лажна политичка порака за обединување, не им треба политички шпалир за да сите до еден го положат својот живот за Македонија, тоа го почувствувале, се прегрнале, Македонец со Влав, Македонец со Албанец со Турчин… и го дале својот живот за својата Македонија. Македонија може и без Вас и без мене и без политичарите, но што сме ние без неа и народот!?, пишува во фејсбук статусот на Мицкоски.

Поврзани новости