Мицкоски: Да не ги делиме граѓаните на етничка основа, туку на лојални и нелојални

by Фокус

Јас лично очекувам една голема победа на ВМРО-ДПМНЕ на следните претседателски избори, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред Соборниот храм во Скопје, каде присуствуваше на денешната божиќна литургија.

-ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија која транспарентно се обраќа кон граѓаните и кон сите оние заинтерсирани кандидати кои сакаат да аплицираат на конкурсот, а се разбира ги исполнуваат условите кои што се со закон пропишани. Конкурсот трае до 31 јануари и тогаш јавноста ќе знае кои се имињата кои се пријавиле на тој конкурс. Од пријавените кандидати на конвенцијата ВМРО-ДПМНЕ ќе избере оној кој ќе понуди најдобра програма – рече Мицкоски.

Тој додаде дека неговата партија оддржува редовна комуникација со политичките партии од албанските етнички заедници на различни нивоа, вклучувајќи и на претседателско ниво.

-Останувам на принципот дека во ова држава граѓаните треба да ги делиме на оние кои се лојални и не се лојални, а не според етнички принцип и етнички клуч. Тоа беше грешка во минатото, се злоупотребуваа етничките заедници. Тоа не треба да биде пракса во иднина. Во РМ треба да победи претседателски кандидат кој што ќе го освои мнозинството гласови на граѓаните на РМ – рече Мицкоски.

Според него, целта на власта со Законот за корупција е формирање нов чадор што би служел за притисок врз политичките неистомисленици.

Поврзани новости