Мицкоски: Брисел мора да реагира на барањата на Бугарија

by fokus

Во денешното гостување на дебатната емисија на “ТВ Клан” претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски зборуваше за, како што вели, лошите владини политики, ветото од Република Бугарија, како и за перспективите на Македонија.

Мицкоски вели дека барањата на Бугарија се тотално неосновани и нереални поради тоа што тие всушност бараат Македонците да признаат дека не постоеле до 1945 година, а од наредната година почнале да постојат. Тоа е нешто што не е ниту логично, ниту пак реално во денешната политика во којашто јасно е прецизирано се што е поврзано со македонската нација, вели Мицкоски.

-Како ние да им објасниме на оние кои заминале во белиот свет на почетокот на дваесетиот век, а се Македонци, дека всушност тие не биле Македонци, туку дури после 1945 постои македонската нација? Ние сме разговарале со многубројни иселеници кои своите животни патишта ги креирале подалеку од овој континент, и тие луѓе насекаде велат дека се горди Македонци и ништо друго. Тоа е доволен показател за тоа дали Македонците постојат оттогаш од кога велат бугарските политичари или пак од многу одамна, додаде Мицкоски.

Ваквите барања од страна на Република Бугарија ниту се човечки, ниту етички, туку тотално надвор од здравиот разум и на ваквите барања не смее да молчи бирократијата во Брисел. Брисел е тој што е неопходно да реагира на ваквите притискања на македонската нација и притисокот кој одредени политичари го прават врз Македонците, истакна Мицкоски.

Поврзани новости