Премиерот Христијан Мицкоски во неговото гостување во вестите на Алсат, запрашан за тоа кога Артан Груби ќе се врати во Македонија, истакна дека Али Ахмети има редовна комуникација со Груби и го советуваше да се врати во земјава и да се соочи со правдата.
-Кога ќе се врати Груби не знам, колку што успеав да го слушнам Меџити, тој кажа дека Ахмети има редовна комуникација со Груби и можеби тој треба да даде одговор кога ќе се врати. Јас би сакал да се врати уште денеска, затоа што единствениот начин да одговори на сите прашања е да биде тука присутен и да даде одговор, потенцираше премиерот Мицкоски.
Мицкоски во однос на најавите од пред неколку месеци за обид за дестабилизација во земјава од страна на ДУИ и зошто сега нема такви изјави, порача дека обид за дестабилизација не значи и дека ќе успеат, земјава е стабилна како никогаш досега.
-Обид за дестабилизација не значи и дека ќе успеат во тоа и дека ќе бидеме нестабилна држава. Како што гледате девет месеци не само што сме стабилна држава, туку и на меѓународен план постигнуваме такви пријателства и такви сојузништва што се незапаметени во независна Македонија, рече Мицкоски.
За можна соработка со ДУИ, премиерот истакна дека е задоволен од соработката со коалицијата ВРЕДИ и односите во владината коалиција се кохезивни, цврсти, а цел на коалицијата е подобро утре за граѓаните и државата.