Мицкоски: 1,2 милиони граѓани кажаа дека се против промена на името, Заев да се подготви за политичка пензија!

by fokus 20:42
20:42

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред малку се обрати до јавноста, по завршувањето на референдумот. Тој прогласи победа на народот и на ВМРО-ДПМНЕ, порачувајќи му на Зоран Заев дека народот е со нив.

-Денеска граѓаните испратија порака, ова е Македонија. Овде живеат Македонци, нашиот идентитет е македонски, нашите предци се Македонци, а такви ќе бидат и идните генерации. Затоа ја имате мојата почит. Нашиот народ е силен, рече Мицкоски.

Тој обвини дека власта се служела со манипулации, но сепак како што рече не успеале да победат.

-Дека власта е разголена докажуваат и нивните испратени пораки до нашите членови да излезат да гласаат. Ќе дојде време да одговараат за матретирањето на народот, но и да се одговори како приватните телефонски броеви се најдоа во рацете на власта? Ќе одговараат и за наполнетите кутии во Сарај, Бутел и други места. Ќе одговарате и за тоа што локални шерифи на СДСМ, директори и градоначалници, под сила и закани ги убедуваа граѓаните да гласаат против својата волја. Граѓаните покажаа дека не ви се плашат. Останаа со ВМРО-ДПМНЕ и затоа ќе ве победиме. Народот е на нозе, а досега никој не победил народ. Владата падна, и тоа е јасно на огромен број на граѓани, а од денес тоа им е јасно и на Заев и на неговите пајташи, истакна Мицкоски.

Тој неколку пати напомена дека власта ќе доживее пораз.

-Два месеци ширевте невистини. Книжевте нарачани анкети, сакајќи да го манипулирате сопствениот народ. Велевте дека сум се договорил, па дека мене ќе ме исфрлиле на клоци итн. Македонија ќе продолжи да победува. ВМРО-ДПМНЕ бил и ќе остане со народот, и народот ќе ве победи, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

На крајот тој заклучи дека 1.200.000 граѓани кажале дека се против промената на името, но дека тие и понатаму се за влезот во ЕУ и НАТО, но се против договорот Заев-Ципрас.

-Заев не треба да се подготвува за избори, туку за политичка пензија, заклучи Мицкоски.

Поврзани новости