Митко Јанчев за ,,Фокус”: Мицкоски достоинствено да си замине, оти тимот кој губи треба да се менува!

by Fokus
Апсолутно се потребни промени во раководството на ВМРО ДПМНЕ, во целата структура на партијата која во последните години ги губи гласачите на очиглед на јавноста. На партија која четири пати по ред губи, очигледно дека и се потребни промени. Крајно време е, по вчерашните резултати, лидерот Христијан Мицкоски да ја согледа фактичката состојба и достоинствено да се повлече од функцијата – во телефонски разговор за ,,Фокус” вели Митко Јанчев, градоначалникот на Кавадарци.

Додава дека нема место за меѓусебни обвинувања и напразно трошење на време во неконструктивни разговори. Изборите се завршена работа, и според него сега е време кога треба да се мисли на иднината на партијата и на нејзино поставување на цврсти нозе.

-Потребно е Мицкоски да го собере раководството, да се разговара отворено, со конкретни решенија да се врати ВМРО ДПМНЕ на вистинскиот пат. И секако, останувам на ставот дека тој треба да си даде оставка бидејќи досега не покажа дека може да се носи со функцијата и со довербата која му беше дадена, како што доликува на еден лидер. Тимот кој што губи треба да се менува, така функционира целиот свет. Да се почне од врвот и да се оди надоле, да се направи едно генерално филтрирање на сето она кое не е во ред и поради кое се изгубија стотина илјади гласови. А за тоа дека нешто не е во ред, и без јас да го посочам истото, бројките зборуваат. Народот кажува со самото тоа што довербата на парламентарните избори решил да ја даде на друга опција . Мора да се врати довербата во партијата, мора да се работи на единството и сплотеноста– појаснува градоначалникот.

Тој имаше интервју и со бугарската агенција БГНЕС, во кое генерално ги сподели истите размислувања, дека се потребни промени во ВМРО ДПМНЕ во кои радо би се приклучил.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости