Митко Јанчев ја донира градоначалничката плата на студенти: Да беше жив, татко ми ќе се гордееше со мене!

by Fokus

Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, ги донира своите градоначалнички плати на студенти и ученици, во вид на стипендии.

Уште за време на предизборната кампања тој ветуваше дека ќе се откаже од платата која месечно изнесува околу 1.000 евра и во тек на својот мандат целиот износ ќе го намени во хуманитарни цели. За таа цел, на 14 – ти февруари, кога во Кавадарци се слави празникот на лозарите и винарите, Свети Трифун, тој ја формирал фондацијата ,,Никола Јанчев’’ која го носи името на неговиот татко.

Како почетен влог во фондацијата, семејството Јанчеви донирало 10 илјади евра, а потоа, на сметката се додавале и сите негови плати.

-Моментално фондацијата располага со околу 20.000 евра кои ќе бидат доделени на ученици и студенти од градот. Околу тоа кој ќе добие стипендија одлучува стручна комисија составена од лица од бизнис секторот, професори, советници… Стипендиите ќе се доделуваат на верскиот празник Петровден на 12 – ти јули и на верскиот празник Свети Никола на 19 декември. Целта е јасна, да се помага на луѓето преку хуманитарни активности. Мојата визија е Кавадарци да прерасне во хумана заедница, каде жителите ќе се третираат со почит и љубезност, каде ќе се даде поддршка на луѓето на кои им е неопходна помош – вели Јанчев за ,,Фокус’’.

Фондацијата ќе реализирала повеќе активности, како на пример поддршка на талентирани студенти од Општина Кавадарци, помагање на лица кои им е неопходно здравствено лекување, помагање на лица кои потекнуваат од фамилии со социјален статус, поддршка на талентирани ученици и студенти, подобрување на животот на лица со пречки во развојот, подобрување на животниот стандард на социјално загрозени семејства кои се погодени од елементарни незгоди (пожар, поплава)и други.

Градоначалникот вели дека ова е прва фондацијата од ваков вид во градот која планира да се прошири и да расте. Додава дека се решил фондацијата да го носи името на неговиот починат татко Никола, бидејќи тој бил темелникот во градењето на неговата личност и му ги всадил хуманоста и човечноста како највредни човечки карактеристики уште во најрана возраст.

-Мојот татко Никола, кој беше основач на семејната компанија ,,Кожувчанка’’ не е со нас речиси 13 години. Но тој ни остави аманет мене и на сите во семејството, секогаш да се трудиме да бидеме од корист на заедницата, да помагаме на послабиот, со исти очи да го гледаме секој човек. Сите ние од фамилијата Јанчеви се трудиме да го следиме патот кој тој ни го трасираше, и се водиме со хуманоста напред. Целта на фондацијата е собирање средства и нивно насочување кон одредени сегменти во општеството кои се од интерес за пошироката јавност, како што се образование, животна средина и спорт како и едукација на млади од секоја област. Верувам дека доколку беше жив, татко ми денес ќе се гордееше со мене – ни изјави Јанчев.

Освен него, во јавноста не е познато дека некој друг градоначалник периодов се откажал од своите месечни примања, донирајќи ги во хумантирани цели.

Во минатото, кога премиерот Зоран Заев беше градоначалник на Струмица, исто така ја донираше својата градоначалничка плата на свои сограѓани на кои им беше неопходна помош.

Вики Клинчарова

Поврзани новости