Мистика, политика, егзотика

by Фокус 08:56
08:56

Пишува
Рамадан РАМАДАНИ

Кога се гледа политиката во Македонија, однатре или однадвор, како сакате наречете го, но од перспектива на гласач, граѓанин, таа е пред сè мистична. Нешто како: ништо, а всушност сè. Нејзиното ништожество се состои во тоа дека од одамна нема големи идеи по кои се водат некогаш спорадично изговорени големи зборови, кои, евентуално, некогаш би можеле барем да заличат на големи дела.

- Advertisements -

До толку што сето досега направено може да се сведе на тоа дека едни ја чувале правната држава, која, впрочем, никогаш и не била направена, а други работат да ја уриваат, пак, истата, никогаш и неизградена, правна држава.

ШВЕРЦЕРИ ИЛИ АЗИЛАНТИ, ГЛАВНО „ПРЕВАРАНТИ“

Од друга страна, таканаречените албански партии се уште пошизофрени во тоа ништожество поради многу причини, но, пред сè, поради тоа што нивната политика се аргументира првобитно со тоа дека тие и нивните гласачи се Албанци, а тие, пак, целата политика ја водат затоа што се затекнале на местото. Така кога веќе се затекнавме, зошто истите тие и ние да не бидеме и експерти, и пратеници, и предавачи на факултет, и членови на управен одбор и што ли не уште друго.

Ваквиот азилантско-шверцерски начин на водење политика нив перманентно ги оддалечува од Албанците, кои се тука, а не се затекнати, и само прави Албанците што повеќе да се исклучуваат од Македонија. Тоа се аргументира со веќе двотретинскиот број на вкупни гласачи, Албанци, кои веќе одамна не претпочитаат да легитимираат со нивен глас вакви свои политички претставници.

МАЛА БАРА, ЗА СИТЕ ПО ЕДНА ПАРА

Мистичноста на политиката во другата крајност, таа да претставува сè, првенствено ја прави тоа што Македонија е мала. Во тоа голем удел има и немањето праг на квалитет во вакво ништожество од големи идеи, дела и луѓе. Така, секој граѓанин најлегитимно размислува: кога можеле Абдилаќим Адеми и Ѓорѓе Иванов, зошто не и јас? Овој, последниов, во една пригода дури и буквално го изјави тоа.

Така, при сета исклученост, уште да има механизми за оневозможување на рециклирање на луѓето, во олку мала Македонија буквално може да им дојде редот на сите еден ден да бидат во некоја владејачка позиција. Тоа, впрочем, е и трендот во некои мали места и општини каде што речиси од секоја куќа има општински советник или барем кандидат.

Од друга страна, сеприсутноста на партијата и политиката во секоја, и мала и голема работа, наметнува неопходно да се земе предвид дека тука, освен што е ништо, политиката е и сè. Така, актуелно имаме премиер во оставка, Никола Груевски, кој јавно призна дека вработувањата во државата се прават од страна на партиите.

Ова беше кажано во емисија кај еден осуден измамник на една секташка телевизија, која не објавува ни платен оглас за поинаква политичка партија. Тоа е изјава со која веројатно сакал дополнително да ги понижи токму тие партии кои се најзаслужни за неговиот политички подем и опстојување. Но, толкава неблагодарност веројатно можат да поднесат само шверцери и азиланти.

НЕКОЈ ИМА ПАРИ, НЕКОЈ ДРУГАРИ

Дополнителната мистика во политиката, која не се објаснува со математика, сега се објаснува со егзотика. Следејќи ги сите дестинации и пријатели на оваа владејачка клика, како Смоквица, Лугано, Панама, Кондоминас, Јеремиќ и Субрата Рој. Шемата изгледа комплицирана на прв поглед, но според тоа што токму веќе во „славната“ година предвидена за реализација, преку ’рѓата и стиропорот, го покажа „најголемиот“ проект „Скопје 2014“, ќе излезе дека, всушност, сè било просто ко грав.

Така, веројатно следната власт ќе мачи големи маки и ќе треба да издвои големи средства за присуство во сите судови низ светот каде што ќе се судат некогашните наши владетели и нивните вакви „пајташи“.

Сепак, визијата „Македонија како заштитен сведок“ и не е лоша како голема визија за една мала земја, за нас, малите луѓе!

Поврзани новости