Мишел Жирал ПлатиМИ: Македонија домаќин на Мундијалот во 2030 година!

by lali

michel-platinyПо долго натегање, челниците на ФИФА едногласно одлучија домаќин на светскиот фудбал во 2030 година да биде Македонија.

– Државава заслужува да биде организатор и да ја има честа јубилејните 100 години од светското натпреварување да се одбележат во Македонија. Пресудно за оваа одлука беше тоа што Македонија има стадиони кои најмногу наликуваат на оние од првиот Мундијал одржан во Уругвај, во далечната 1930 година и ФИФА е уверена дека, освен во Македонија, никаде во светот нема веќе такви старомодни стадиони, а тоа е за почит и не смее да остане ненаградено. Македонија вечна, Македонија прави разлика! – со гордост, возбуда и со задоволство изјави Мишел Жирал Платими, претседателот на меѓународната федерација, кој брзо напредуваше од прв човек на УЕФА во лидер на ФИФА.

Одлуката не ја изненади нашата фудбалска федерација.

„Голема благодарност до УЕФА и до ФИФА и до сите што се залагаа Македонија да ја добие организацијата. Ние уште од 1994 година знаевме дека еден ден фудбалот ќе се врати таму каде што припаѓа, на стадионите каде што сѐ уште се гледа варот на стативите и се чувствува мирисот на дивите треви. Голема улога одиграа и трибините на кои никогаш не наместивме столчиња, туку само ги оставивме обложени со цемент, дел за седење и дел за стоење затоа што во јулските врели денови тие држат ладно и на посетителите не би им било проблем да ги поднесат високите температури. Но, пред за почнеме со финалните подготовки, сакаме да ги известиме македонските граѓани што живеат во близина на стадионите, дека во периодот од 10 јуни до 14 јули не треба да го пасат добитокот на стадионите и да не фрлаат ѓубре околу трибините, се вели во соопштението на ФСМ.

Нашиот народ треба да биде горд зашто Македонија го продолжува тоа што светот едно време го заборави и почна да гради стадиони во пустини, на вода, стадиони што лебдат, па и стадиони на месечината полни со ВИП-седишта збогатени со масажери, разладувачи и што ли уште не од технологиите кои го обиколуваат светот.

А како што веќе знаеме, владата ќе има голем удел во организацијата на првенството, па неофицијално дознаваме дека за првпат во сто години, на Мундијалот нема да има една автентична маскота, туку Македонија ќе понуди седум министри без ресор за маскоти кои ќе ги забавуваат и ќе ги анимираат фудбалските фанови од целиот свет.

Министерството за култура, пак, ја субвенционираше и мундијалската песна што ја изведува Тајзи. Нумерата го носи насловот „И автогол е гол!“.

disklejmer

Поврзани новости