Миша Поповиќ: И СДСМ и ВМРО поминаа лошо на изборите, голема коалиција нема да испорача правда!

by Фокус

Послабиот резултат на големите партии и коалиции се должи на поголемиот број на политички партии кои им зедоа гласови, смета Миша Поповиќ од Инситутот за демократија – Социетас Цивилис. Тој за најновиот број на неделникот Фокус вели дека пандемијата беше дополнителна компликација за ниската излезност, но, нагласува тој, најголемиот ефект е резултат на политичката понуда овие избори.

-И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ поминаа лошо и потребно е навистина добро да проценат зошто е тоа така. Да, во духот на македонскиот политички фолклор е да има меѓусебно обвинување, но доколку сакаат овие две партии да престанат да губат гласови мора да се случат определени промени. Во 2017 година СДСМ дојде на власт после повеќегодишни манифестации на граѓанско незадоволство од тоа како ВМРО-ДПНЕ ја практикуваше власта. Во овие 3 години, видовме половична борба за правда, каде еден дел од власта на пример се бори против корупција, а друг ја практикува. СДСМ мора да се погледне во огледало и да се реши што ќе прави, и тоа навистина да го направи. Тие наследија заробена држава, борбата против корупцијата не е едноставна, но тие го прифатија предизвикот. Оправдувањата за неуспех гласачите строго ги казнија, на следните избори казната ќе биде уште построга доколку нема успех на внатрешен план. Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ не се ни потруди да изгледа реформирано за да ги придобие неопределените, кои овие избори ако гласаа, или од претпазливост повторно гласаа за СДСМ, или пак го дадоа својот глас на помалите партии. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека имаат повеќе мандати, доколку се исклучат мандатите на БЕСА, се манифестација на истата нереформираност. БЕСА влезе во предизборната коалиција, и не може да се двојат гласовите на гласачите по специфичната националност на пратениците – изјаи Поповиќ.

Тој посочува дека ДУИ со освоените 15 мандати, што претставува зголемување за 50 отсто во однос на претходните избори во 2016 година, се наметнува како неизбежна партија во секоја комбинација. Меѓутоа, според него, стабилно парламентарно мнозинство во сите комбинации мора да вклучи и други пратеници, па затоа ДУИ не е во сосема комотна позиција да биде, како што потенцира, единствен претставник на Албанците во власта.

-Сите комбинации се возможни, но некои се поверојатни. Голема коалиција нема да обезбеди услови за спроведување на тоа што е главно барање на граѓаните – правда, иако, би рекол оваа комбинација е од поверојатните. Тоа практично би значело техничка влада која треба да истрпи до следни избори споени со локалните – следната година. Коалиција на СДСМ, ДУИ и ДПА нема никаква додадена вредност, бидејќи стабилноста на мнозинство од 61 и 62 пратеника е технички исто. Дополнително, така СДСМ ризикува да ги врзе ААА (партија во подем) со ВМРО-ДПМНЕ во некои следни избори. Коалицирањето на СДСМ, ДУИ и ААА ги става ААА во позиција побавно да растат бидејќи ќе бидат во коалиција со главниот ривал. И покрај ова, сметам дека ова е најверојатната коалиција во услови кога СДСМ би биле мандатари. Во меѓувреме, изјавата на Левица дека најверојатно ќе останат во опозиција, ја осуети можната коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Од комбинациите кои остануваат, тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да ги има ДУИ и ААА со нив. Но тука се поставува прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ има коалициски потенцијал без сериозна реформа и перцепцијата кај албанскиот гласач за партија која коалицира со нив. Казната за ДУИ во 2016 беше огромна. Секако тука се и комбинации каде што дел од пратениците би скокнале во туѓиот тим – објаснува Поповиќ.

Во однос на прашањето колку е веројатно дека ДУИ при ваков распоред на силите ќе успее да ја реализира идејата за Албанец-премиер, во однос на која Ахмети бара поддршка од сите албански партии, откако пред изборите Заев пред Мицкоски ја отвори идејата за меѓусебна поддршка при формирање на малцинска влада за да се пренебрегне уцената од ДУИ, тој вели:

„На ДУИ му беше потребна ревитализација на националистичкиот наратив за да спаси дел од рејтингот. А секогаш можете да сметате дека национализмот ќе ви донесе гласови, но истовремено постои и мобилизација на гласови по таа основа и во македонскиот блок. Погледнете ја понудата овие избори и ќе видите дека беше, главно националистичка. Името, унитарноста, против федерализација. Доколку успее условувањето, тоа само ќе ја мултиплицира националистичката реакција во македонскиот блок. Проблемот е што ниту ДУИ ниту останатите партии (и албанските и македонските) не градат личности кои се обраќаат на другата страна на гласачкото тело како политичари. Затоа премиерското место се гледа низ етнички очи. На СДСМ би требало да му биде лесно да го одбие овој услов, бидејќи и ДУИ и ААА ќе имаат поголема штета ако коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ. Меѓутоа, истово важеше за ДУИ и во 2017, но тогаш во СДСМ беа убедени дека ДУИ се „кингмејкери“ па направија некои отстапки прифаќајќи проблематични имиња како Рамиз Мерко за министри“.

Според него, успехот на Левица е резултат на разочараноста од двете најголеми партии – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Ако на претходните избори за оваа партија гласале оние што сакаа промена, но имале недоверба во СДСМ, истакнува Поповиќ, на овие избори за нив гласале дел од разочараните во неуспехот на борбата за правда, но и оние што не им веруваат на ВМРО-ДПМНЕ дека се против промена на името.

-Најпрво, Левица не е радикална лева партија. Доколку ја прочитате нивната програма ќе забележите дека левите идеи или им се застарени, или објективно неостварливи. Се останато се десничарски или реакционерни идеи – пример признавање на Северна Кореја, раскинување на дипломатски односи со Ј. Кореја, Израел и Косово. Извесно е дека ако Левица остане во опозиција, поверојатно е дека на следните избори ќе има уште повеќе гласови ако состојбите останат непроменети кај големите партии. Меѓутоа, профилирањето на Левица во национални заштитници привлекува и такви луѓе во партијата. Тоа значи дека ако се независни, во моментот кога би дошле на власт, ќе ги разочараат оние што за нив гласаат мислејќи дека ќе воведат ред, бидејќи нема да имаат луѓе во партијата кои успешно ќе ги остварат тие заложби на раководни места во мноштвото институции потребни за тоа. Скратено, Левица ќе привлече нов националистички кадар, а не кадар кој може на терен да спроведува реформи од владеење на право – смета Поповиќ.

Анализата во однос на изборните резултати и можните комбинаторики околу формирањето на парламентарно мнозинство прочитајте ја во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк

Поврзани новости