Минов до Села: Потстрижи се човеку!

by fokus

Пратеникот од Кавадарци, Панчо Минов, од говорница му се обрати на Зијадин Села, на чист кавадаречки дијалект, и покрај тоа што порача дека ,,одамна му го збира’’ направи осврт и на неговата фризура.

,,Села, одамна ти го збирам, што викаме ние, во име на моите кавадарчани и од мое лично име да те прашам, дали тоа што ти паѓа косата на очите те прави да бидеш многу умен, како што си убав? И не престануваш постојано да негираш по национална линија, национални провокации, вреѓање на народ, вреѓање на држава, вреѓање на нас, пратениците. Ти си само еден, како и јас што сум. Не можеш ти како еден пратеник да ја кроиш судбината на Македонија. И затоа те советувам, земи уредно потстрижи се човеку, да не ти паѓа косата на очите’’ – му порача Минов, по што беше предупреден да биде коректен во својот говор.

На крај, кавадарчанецот го заврши своето обраќање со зборовите  – Ние викаме од многу умни ,,човеци’’ глава боли, а за да имаш ум, треба да имаш и разум. Тебе изгледа, разум ти фали!’’

Панчо Минов е од редовите на ВМРО ДПМНЕ. Во минатото тој два пати беше градоначалник на Кавадарци и два пати пратеник во Собранието на РМ. Членуваше и коалицираше со ЛП, СДСМ, ГРОМ, и сега со ВМРО.

Познат е како човек без влакна на јазикот, и кога пред неколку месеци изгуби над дваесет килограми, кавадарчани се шегуваа дека ослабнал од трчање од една во дурга партија. Тогаш за ,,Фокус’’ изјави дека ги изгубил килограмите со помош на диета кон која што се придржувал цела година, и дека секој ден пешачел, а не од трчање по партии или пак било какво атлетско трчање.

Вики Клинчарова

Поврзани новости